Во среда Уставниот суд ќе ја поништува одлуката за распуштање на Собранието


Во среда на дневен ред на Уставниот суд ќе се најде иницијатива  за укинување на одлуката за распуштање на Собранието. Судија, што сакаше да остане анонимен, ќе покрене таква расправа по службена должност, со образложение  дека одлуката за распуштање не ја остварила целта поради која беше изгласана, односно не резултираше со предвремени избори на 12-ти април. Според него, одлуката за распуштање на Собранието треба да биде укината бидејќи е беспредметна и неспроведлива.

Ако овој предлог биде прифатен во среда,ќе биде отстранета правната пречка за закажување собраниска седница, велат извори од Судот.  Доколку овој собраниски состав се врати на работа,  првенствено ќе треба да ги потврди двете одлуки на претседателот за вонредна состојба, а потоа и да озакони се што мораше да биде донесено од Владата во форма на уредба.

На 15-ти април Судот ја разгледуваше Одлуката за распуштање на Собранието од 16-ти февруари, но не поведе постапка. Судиите констатираа дека од формален аспект, Уставот не бил прекршен бидејќи пратениците имаат право да го вратат мандатот. Новата иницијатива би се концентрирала на суштината – Парламентот се распушти за да се избере нов парламентарен состав на избори, а тоа не се случи.

Собранискиот спикер Талат Џафери одби да го свика Собранието, бидејќи смета дека самоиницијативно ако го напрви тоа, ќе биде противуставно.

Во Судот веќе се расправа и за оспорените уредби на Владата, вкупно 150, од кои 127 се поднесени од Светскиот Македонски Конгрес.

Неколку уставни судии исто така најавиле откажување од дел од својата плата во прилог на фондот за борба со вирусот. Подготвени се да издвојат 20 одсто од своите примања, иако не се членови на Здружението на судии, или да земат само минималец од 14.400. Со тоа сакаат да покажат дека времената мерка што ја донесоа минатата недела за неограничување на платите на функционерите, не била заради личен интерес.