Во Србија уште шест нови случаи на заразени со корона вирус, вкупно 89


Во Србија денес до 18 часот регистрирани се вкупно 89 потврдени случаи на заразени со корона вирус, објави Министерството за здравство на сајтот „Ковид 19.рс“.

Од последниот извештај до денес во 18 часот, тестирани се примероци на 19 лица, од кои шест се позитивни и 13 се негативни за новиот корона вирус.

Три лица со полесна клиничка слика се наоѓаат во домашна изолација, додека три лица се задржани во болница, без компликации и со стабилна општа состојба.

До 18 часот, во националната референтна лабораторија на Институтот Торлак во Белград, вкупно се тестирани 440 лица кои ги исполниле критериумите за дефинирање на случајот.

Во Србија веќе три дена на сила е вонредна состојба, а од вечерва во 20 часот во Србија започнува и полицискиот час, кој ќе трае до 05 часот наутро, со кој на граѓаните им се забранува излегување од домовите и движењето во овој временски интервал.

Од утринава, во 10 часот започна и забраната за движење на постарите лица од 65 години во градовите и 70 години во селата.