Во Србија стапи на сила забраната за движење на постарите од 65 гoдини

Србија– Во Србија, покрај вонредната состојба, денес во сите градови од 10 часот стапи на сила мерката за забрана на движење на сите постари лица од 65 години, и 70 години во руралните области, согласно синоќешните нови мерка на Владата во справувањето со пандемијата со коронавирус,јави дописникот на МИА од Белград.

Со неа вечерва од 20 до 5 часот наутро на територијата на целата држава е забрането движењето на улиците во Србија и на сите лица, освен органите на власт и оние кои ќе имаат работна обврска во трета смена.

Министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, денес изјави на ТВ Пинк дека полицискиот час и други мерки се воведени заради недисциплина на дел од граѓаните. Тој порача дека полицијата постојано ќе ги проверува лица на кои им е одредена изолација.

-Кого полицијата ќе го затекне на улица после 20 часот и нема писмена дозвола, ќе добие кривична пријава, ќе се спроведе на домашна адреса, а потоа ќе се води кривична постапка против него, изјави Стефановиќ.

Според него, речиси 50.000 луѓе се вратиле од странство во Србија од почетокот на кризата, повеќето се од Италија, а голем број не успеале да ја исполнат обврската за изолација, што довело до ширење на заразата.

Во Србија утринава евидентирани се вкупно 83 лица заразени со коронавирусот, што е за 11 лица повеќе од вчера, соопштија од министерството за здравство.

Веќе два дена на сила е вонредна состојба, затворени се границите за влез на странски државјани, поголемиот дел на вработените работат од дома, војската е распоредена на граничните премини, болниците, мигранските центри, на улиците е зголемено присуството на полицијата, а како изгледа денеска атмосферата по улиците во Белград, екслузивно ви ги пренесуваме преку фотографии.