Во Србија првпат активиран системот „Најди ме“ – исчезна двегодишно девојче кај Бор


Системот „Најди ме“ денеска за прв пат во Србија е активиран поради исчезнувањето на двегодишното девојче Данка Илиќ во околината на Бор.

Како што е наведено на веб-страницата pronadjime.mup.gov.rs, девојчето има кафена коса, кафени очи и е висока околу 85 сантиметри.

Во моментот на нејзиното исчезнување носела виолетови панталони, маслинесто зелена јакна и црни патики.

Потрагата трае од 17 часот, а во моментов околу 300 луѓе трагаат по девојчето.

Целата Брестовачка Бања, како и бројни граѓани, од кои неколку стотици, со часови ја пребаруваат пошироката околина. На терен се припадници на Полициската управа во Бор, Бригадата за противпожарна и спасување, доброволната противпожарна бригада, планинари и жители на Бор.

Девојчето наводно било видено како оди во шумата, но нема информации каде би можела да биде.

Областа од 6,7 километри е пребарана неколку пати, но детето се уште не е пронајдено.

Временските услови, поточно дождот кој во моментов паѓа уште повеќе ја отежнува потрагата.

Подигнат е и дрон, а биле донесени и кучиња трагачи. Како што паѓа ноќта, родителите на девојчето сè повеќе се плашат.

Луѓето се организираат во групи и ја пребаруваат секоја педа.