Во Србија првомајски заеднички протест на синдикатите и студентите во блокада

Студентите во блокада и пет синдикални здруженија во Србија најавија заеднички протест за 1 мај пред Владата на Србија, кога ќе врачат предлог за измена на Законот за работни односи и Законот за штрајкови, а воедно ќе одбележат и шест месеци од падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад. Како што објавија студентите во блокадата на официјалната веб-страница, тоа е чекор кон радикализација, јави дописникот на МИА од Белград.
„Повеќе не стоиме само во блокади. Ова е чекор кон радикализација што ќе овозможи нови форми на притисок“, нагласија студентите во блокада во врска со протестот што ќе се одржи на Денот на трудот.
Тие додадоа дека се борат „за правото на живот без страв, за работниците, за студентите, за сите нас“.
На официјалниот X профил на студентите во блокада на Факултетот за организациски науки, беше објавено дека протестот на 1 мај ќе биде подобар од најголемиот протест во историјата на Србија, одржан на 15 март.
Под слоганот „Први мај не е празник – Први мај е ден за борба!“, работниците и студентите ќе се соберат во 14 часот пред зградата на Владата на Србија во Белград, со цел заеднички да достават јасни барања до властите.
Обединетите синдикати на Србија „Слога“, Сојузот на независни синдикати на Србија, УГС „Независност“, АСНС, Конфедерацијата на слободни синдикати и иницијативата „Студенти во блокада“ ги повикаа граѓаните масовно да се приклучат на протестот.
Организаторите ги истакнуваат клучните барања: Нов, фер и праведен закон за труд; Достоинство, безбедност и солидарност на секое работно место; Крај на практиката на ниски плати, кршење на работничките права и живoт во несигурност.
Како што наведоа во нивниот повик за протест, студентите во блокадата истакнуваат дека Законот за работни односи и Законот за штрајк се темелите на системот на експлоатација, бидејќи, како што велат, денес тие ја штитат владата, а не работниците. Тие го гледаат тоа како корен на проблемот и веруваат дека мора да започнат со нивната промена.
„Поради сe, Први мај повеќе не е празник – тоа е ден на борба. Се гледаме на улица!“, порачаа Обединетите синдикати на Србија „Слога“.