Во Србија осум починаа, 305 новозаболени


Во Србија во изминативе 24 часа регистриран е најголем број на починати-8 лица со што вкупниот број на починати се искачи на 39 лица.

Од осумте починатите, 6 се мажи и две жени со просечна старост од 70 години, додека вкупната смртност во однос на заразените изнесува 2,64%, изјави на денешната владина прес конференција членот на кризниот штаб, лекарката Дарија Кисиќ.

Исто така денес за разлика од вчера, од 748 новотестирани, регистрирани се за трипати повеќе заразени лица со корона вирус или 305 лица, со што вкупно заразени во Србија се 1476 лица.

Досега вкупно се хоспитализирани 874 пациенти, од кои 81 лица се водат како тешки случаеви и ставени се на респиратор, кажа Кисиќ.

Бројот на тестирани лица заклучно со денес изнесува 5756 лица од кои заразени со корона вирус се 1476 лица.

Епидемиологот Предраг Кон на прес конференцијата ја спомна мошне тешката ситуација во Гинеколошко-акушерската клиника Народен фронт во Белград, каде од вработените, позитивни на корона вирусот се 46 лица и се оддалечени од работа, а медицинскиот персонал е пополнет од други клиники.

На прес конференцијата граѓаните беа потсетени на новите мерки за забрана за движење за време на викендите (40 часовен полициски час), која почнува утре во 13 часот и ќе трае до 05 часот во понеделник.

Изменета е мерката за пензионерите, кои наместо во недела, ќе можат утре да излезат од своите домови да се снабдат со потребните намирници, а проширена и можноста за шетање на миленичињата, секој ден од 23 часот до 01 наутро, како и во недела од 08-10 часот.

Од кризниот штаб информираа дека на погребите можат да бидат најмногу 10 лица, со почитување на меѓусебната раздвоеност од 2 метри.

Како што изјави премиерката Ана Брнабиќ на денешната свеченост по повод пристигнувањето на руската медицинска помош на лекари и опрема, Србија влегува во петтата недела на борба со корона вирусот, која, со оглед на денешниот број на починати, преставува „најтешка фаза во справувањето со епидемијата.“

Покрај руската помош, денес министерката за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ, и амбасадорот на ЕУ во Србија Сем Фабрици и шефот на Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги во Србија (УНОПС) Микела Телатин потпишаа договор за донација од 4,9 милиони евра помош на Србија во борбата против пандемијата.