Во Србија одобрена вакцината на „Фајзер“, првите дози од 21 декември


Србија– Српскиот министер за здравство, Златибор Лончар, изјави денеска дека првите дози на вакцината „Фајзер“ во Србија ќе пристигнат во понеделник или вторник, во првата транша од нешто помалку од 5.000 дози, а ќе ги примат корисниците на домовите за стари лица, се наведува на веб-страницата на српската Влада.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Лончар изјави дека дозволата за увоз на вакцината на компанијата „Фајзер“ и „БиоНТек“ е издадена вчера во Агенцијата за лекови и медицински средства и дека првите дози ќе пристигнат како што е ветено до крајот на годинава.

-Тоа е голем успех ако се знае дека само неколку земји во Европа и светот можат да се пофалат дека ќе имаат вакцини во тој период, кажа министерот.

Тој изрази надеж дека дозволата ќе ја добијат и други производители и дека граѓаните на Србија ќе имаат можност да ја изберат вакцината, истакнувајќи дека вакцинацијата ќе биде бесплатна.

Според него, Србија е меѓу првите кои добиле вакцини затоа што била една од првите пет земји во светот кои потпишале договор со компанијата „Фајзер“.