Во Србија без организиран дочек на Новата година, рестораните ќе работат до 18 часот

Србија – Кризниот штаб одлучи на 31 декември и 1 јануари рестораните и кафулињата во Србија да бидат отворени до 18 часот, а прехранбените објекти до 20 часот, јави допсиникто на МИА од Белград.

Нема да има организиран дочек на новогодишна ноќ, ниту репризи на истатата.

По седницата на Кризниот штаб, никој од службените лица не им се обрати на новинарите, но медиумите пренесуваат дека претставници на кабинетот на премиерката Ана Брнабиќ ги пренеле заклучоците, прецизирајќи дека на 31 декември и 1 јануари, прехранбените продавници и трговските центри можат да работат до 20 часот.

По 1 јануари, угостителските објекти можат да продолжат да работат до 20 часот, им беше кажано на новинарите.

Деталите за новите мерки за Новата година ќе бидат соопштени во вторник во 15 часот, по седница на владата на Србија.

Во петокот, членот на кризниот штаб, Бранислав Тиодоровиќ, изрази уверување дека ова тело нема да донесе позитивна одлука за дозволување за организирање на новогодишната ноќ. Тој тогаш посочи дека медицинскиот дел од персоналот се уште е против ублажување на мерките.