Во Србија 13 лекари досега се починати од епидемијата на ковид-19


Од епидемијата на новиот корона вирус во Србија досега се починати 12 лекари и стоматолози и еден пензионер, штитеник на дом за стари лица, изјави за порталот Нова.рс, претседателот на Синдикатот на лекари и фармацевти, Раде Паниќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Паниќ кажа дека со сигурност знае за 13 лекари, но верува дека ги има повеќе, поради тоа што не успеале да ги евидентираат, додавајќи дека меѓу тие потврдени случаи се починатите лекари од Лесковац, Ниш, Чуприја, Параќин и Нови Сад.

– Што се однесува до заболените здравствени работници, немаме никаква можност да водиме евиденција. Последното што го слушнав беше бројката од околу 650, изјави Паниќ.

Синдикатот, како што објаснува Паниќ, нема информации за починати медицински сестри, додека заразени здравствени работници има „многу повеќе отколку што ни кажуваат бројките“.

Претседателот на Синдикатот на лекари и фармацевти оцени дека сега во Србија има повеќе заштитна опрема за здравствените работници од претходно, но дека на повеќето контролни пунктови каде заштитната опрема е потребна, ја нема доволно.

– Информациите што ги имаме е дека ковид единици и ковид болниците ја добиваат опремата и ја има доволно. На сите други места е многу дискутабилно дали ја има и дали е поделена…Она што е дефинитивно е информацијата дека на повеќето пунктови недостасува заштитна опрема или ја нема доволно, ако се случи појава на ново жариште и повеќе заболени пациенти, изјави претседателот на српскиот синдикат на здравствени работници и фармацевти.