Во сообраќајки настрадаа дете и дедо велосипедисти


Фото: Б.Грданоски
Во две одделни сообраќајни незгоди во Прилепско, повредени се деветгодишно дете и 74-годишен старец, кои биле удрени со автомобил додека возеле велосипед.
Имено, во петокот, во 13.50 часот било пријавено дека на регионалниот пат Прилеп – Македонски Брод, на влезот за село Дебреште, К.Т.(21) од истото село, управувајќи патничко возило „ауди“, без регистарски ознаки, удрил во велосипед, управуван од деветгодишник, од истото село. По незгодата, велосипедистот бил пренесен во Градската општа болница Прилеп за укажување на лекарска помош, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од Полициската станица Прилеп.
Истиот ден,во 16.30 часот било пријавено дека на регионалниот пат Прилеп – Крушево, патничко возило „бмв“, со прилепски регистарски ознаки, управувано од Б.Г.(21) од село Воѓани, Прилепско, удрило во велосипед, управуван од С.Б.(74) од Прилеп. Во незгодата, велосипедистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница Прилеп, каде бил пренесен за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од Полициската станица Прилеп.