Во сообраќајка во Грција загинаа седум лица, најверојатно мигранти


На автопатот „Егнатија“, во близина на грчкиот град Александруоли седум лица загинаа, петмина се повредени, откако се превртело украдено возило во кое имало 12 лица, а најверојатно станува збор за нелегални мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката полиција соопштија дека сообраќајката се случила кога возилото, кое што било украдено, излетало од патот, удрило во бетонски ѕид од патарините што се градат на автопатот и се превртело.

– Според досегашните податоци од истрагата, патничкото возило, за кое беше пријавена кражба на 4 август 2020 година во полициска станица во Солун, е вмешано во криумчарење нелегални мигранти, соопштуваат од грчката полиција.

Починатите и повредените биле пренесени во болницата во Александруполи, а според грчката новинска агенција АНА-МПА, сите 12 лица се мажи, не е познат нивниот идентитет, а еден од петтемина повредени е во сериозна состојба.