Во сообраќајка оштетен градскиот мост во Делчево


Градскиот мост во Делчево е оштетен во сообраќајна несреќа што се случи синоќа околу 1.30 часот по полноќ, информираат од Полициското одделение од општа надлежност Делчево.

-Во сообраќајната несреќа учествувало едно возило, кое поради неприлагодена брзина удрило во градскиот мост и срушило дел од оградата на мостот во центарот на Делчево. Од возачот е земено крв и урина за анализа, додека постапката за понатамошни дејствија за штетата е во тек, истакнаа од делчевската полиција.

Граѓаните кои утрово се затекнаа на мостот изразија неверување од она што го гледаа.

-Јас сум 42 години возач, такви глупости не можам да замислам, не да ги направиш. Среќа што е здрав и жив возачот, вели поранешен возач.

Жител на Делчево посочува дека толку ни е културата. -За да се научиме на култура само казни и ќотек. Без големи глоби нема култура, вели тој.

Во несреќата освен градскиот мост, настрадала и една од блиските канделабри. Надлежните најавија брзо враќање на мостот во функција.