Во Солун се случи еден вид „духовна гозба“ посветена на македонскиот јазик и литература

На научната конференција македонски и грчки професори дискутираа за перспективите на културна соработка со акцентот на македонскиот јазик


Благодарение на богатата програма, одличната организација и инспиративните излагања на сите учесници, на Универзитетот „Македонија“ во Солун се случи еден вид „духовна гозба“ посветена како на македонскиот јазик и литература, така и на перспективите за меѓусебна академска соработка, вели за МИА деканот на Филолошкиот факултет, професор Владимир Мартиновски за вчерашната научна конференција на која македонски и грчки професори дискутираа за перспективите на културна соработка со акцентот на македонскиот јазик.

Станува збор за научна конференција на академско ниво на која домаќин беше Грција, а се одржа во амфитеатар на Универзитетот „Македонија“ во Солун, во организација на Лабораторијата за култура, граници и родови при Катедрата за балкански, словенски и ориентални студии на солунскиот Универзитет во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

За перспективите на културната соработка на академско ниво со фокусот ставен на македонскиот јазик, ќе дискутираат македонски и грчки професори на настанот што денеска ќе се одржи во Солун, а

-Програмата опфати исцрпни научни излагања посветени на македонската литература, но и презентација на авторски книжевни текстови поврзани со егејската тема и историските трауми, но и со потребата за нивно надминување. Беа презентирани и најнови препеви на грчки јазик на низа антологиски песни од современата македонска поезија, а настанот беше збогатен и со музички интерпретации на неколку македонски традиционални песни. Конференцијата ја одбележа пријатна пријателска атмосфера на дијалог и меѓусебно уважување, посочува професор Мартиновски.

Додава дека нивните колеги од Катедрата за балкански, словенски и ориентални студии им ги презентирале „досегашните искуства од доменот на меѓународната соработка со универзитетите во Република Северна Македонија“ и истакнува дека сега, пред нив е „потребата таа да се продлабочи и во иднина“.

-Токму значењето и успехот на оваа академска средба нè охрабрува, но и нè обврзува да ги поканиме нашите грчки колеги следната научна средба да се одржи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во текот на 2025 година, посочи професорот.

На научната конференција, учествуваа и професорките Румена Бужаровска, Весна Мојсова-Чепишевска, Александра Јоаниду и Елени Сидери, професорот Јоанис Манос, асистентката Елена Ѓорѓиовска, д-р Кица Колбе, д-р Евангелос Киријаку, Марија Думпа и Фотис Сионис.

 

Задоволство и надеж дека конкретниот научен симпозиум ќе прерасне во традиција, во разговор за МИА изразува и професорката Румена Бужаровска, која се осврнува и на малите обиди да се спречи одржувањето, но и на „одбраната“ и поддршката од грчки студенти.

-Настанот беше исклучително успешен, посебно со оглед на тоа што одредени фашистички групи се обидоа да ги заплашат грчките организатори за да не се одржи. Во полниот амфитеатар, грчките студенти од факултетот дојдоа да искажат поддршка и скандираа токму во знак на поддршка на настанот и на автономијата на Универзитетот. Од тој аспект, со оглед на тоа дека ова е прв официјален академски настан за македонскиот јазик и за продлабочувањето на научните и академските врски меѓу македонските и грчките филолози, овој собир беше навистина револуционерен и хуманистички, кој верувам дека ќе прерасне во традиција и на двата универзитета, истакна професорката Бужаровска.

Професорката Александра Јоаниду, вчера, во пресрет на настанот, за МИА посочи дека целта е да се зацврсти долго планираната соработка помеѓу Универзитетот во Скопје и Универзитетот Македонија, додавајќи дека „по официјалното признавање на македонскиот јазик со Договорот од Преспа требаше да се спроведе и во академската средина за конечно да започне плодна размена на идеи, култура, знаење и соработки на академско ниво“.

Професорките Јоаниду и Бужаровска веќе имаат соработка, со оглед на тоа дека две од книгите на македонската авторка се веќе преведени од македонски на грчки јазик, во превод токму на професорката Јоаниду, а делата беа промовирани во Солун, Атина, но и на островот Крит.

Поединечни културни настани во Солун со учество на македонски писатели, професори и сл. имаше и во минатото, односно во периодот пред да биде потпишан Договорот од Преспа, по иницијатива на тогашниот генерален конзул во Солун Маја Апостолова, кога се одржаа предавања на македонски и грчки професори, поетски читања на македонски автори, но и посета на Солунскиот Универзитет „Аристотелис“ на стотина студенти од УКИМ заедно со нивни професори во 2016 година.