Во Софија се формира движење на политичките противници на Путин


Во Софија се одржува конститутивна конференција на граѓанското движење „За слободна Русија“, јави дописникот на МИА од Софија.

Организатор на конференцијата е Генадиј Гудков, кој четирипати беше пратеник во руската Дума и беше принуден да ја напушти Русија од режимот на Кремљ. На конференцијата присуствуваат руски опозиционери, кои живеат во Полска, Чешка, Летонија, Литванија, Белорусија и Обединетото Кралство.

На учесниците на конференцијата им се обрати поранешниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев (2012-2017), кој рече дека му е драго што Бугарија е домаќин на ова движење, кое има за цел да ја врати Русија во демократијата. Тој изјави дека за него има силни и моќни политичари и дека не ги прифаќа оние кои носат војски и окупираат територии од независни држави, зборувајќи за окупација на Крим.

Поранешниот шеф на бугарската дипломатија Даниел Митов им честиташе на учесниците на конференцијата и истакна дека целта е да се запре влијанието на режимот на Путин во Бугарија.

Атанас Славов од владејачката коалиција во Бугарија, од партијата Демократска Бугарија, ги поздрави присутните и наведе дека се залагаат за демократска кауза во Русија.

– Стратешкиот избор на Бугарија е да ги одржува односите со слободна, граѓанска и демократска Русија. Порано или подоцна Русија ќе биде слободна и демократска држава и дека Бугарија и Русија ќе бидат членови на слободното и демократско европско семејство, додаде Славов.

Владимир Рижков, опозициски руски политичар и поранешен заменик-претседател на руската Дума се вклучи директно од Москва, при тоа истакна дека денес во Русија има 1.000 политички затвореници, повеќе отколку во советско време и владеењето на Брежњев.

– Русија ќе страда многу ако режимот на претседателот Путин ја втурне Русија во конфликт со Украина и НАТО, посочи Рижков.