Во Софија промоција на бугарското издание на романот „Турнеја“ од македонскиот писател Сашо Огненовски
Во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, денеска ќе се одржи промоција на бугарското издание на романот „Турнеја“ (из. „Изида“) од македонскиот писател Сашо Огненовски.
Романот ќе биде претставен од издавачот и книжевен критичар Пламен Тотев, преведувачот Маријан Петров и од авторот Сашо Огненовски.
– Романот „Турнеја“ е безмилосна сатира за проблемите во театарската институција. Уметноста е уништувана малку по малку од желните за власт псевдоинтелектуалци. Брилијантно конструираните ликови на Сашо Огненовски ги доживуваат своите лични трагедии на фонот на непрестаен распад, придружен со многу хумор и иронија. А загатката за тоа кој е мистериозниот Азазел (или Арлекин или Бегемот) којшто потпишува смртни пресуди зад сцената го држи читателот на нокти до последната страница. Прашањето е кој ќе преживее последен, се вели во најавата за промоцијата од Културно-информативниот центар.
Сашо Огненовски (1964, Битола) е актер, режисер и писател. Дипломирал на Факултетот за театарска уметност во Скопје 1987 година. Магистер по PR и медиуми. Работел како наставник на Педагошкиот факултет во Битола. Има над 100 улоги во Народниот театар во Битола. Автор е на над 10 книги поезија, проза, драми и истражувања.