Во Софија нема промена на официјалниот став спрема Македонија
Оптимизмот на премиерот Кирил Петков можеби не е вистински оптимизам во рамките на владејачката коалиција во Бугарија околу односите со Македонија.
Копретседавачот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, во средата изјави дека нема промена во владејачката коалиција за Македонија.
Во вторникот вечерта лидерите на коалициските партии одржале состанок на кој според неофицијални информации се разговарало за политиката кон Македонија и изборот на нов гувернер на централната банка.
Иванов коментира дека не се разговарало за одлуки, но „темата за ветото и колку ќе трае е предмет на постојана дискусија во коалицијата“.
„Имаме став и штом видиме доволна основа да веруваме дека бугарските национални интереси се заштитени, ќе можеме да го реализираме бугарскиот национален интерес Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ“, рече Иванов.
Тој нагласи дека македонската влада треба да ги спроведе „барањата на бугарскиот парламент, формулирани во рамковната позиција, а потоа потврдени од Советот за национална безбедност“.
Иванов ја повтори тезата дека Македонија треба што е можно побрзо да се придвижи кон ЕУ, но тоа не можело да се направи по цена на бугарските национални интереси.
И шефот на кабинетот на премиерот Петков, Лена Бориславова, денеска изјави дека нема проомени во ставот на Софија. Таа најави дека комесарот за проширување, Оливер Вархеи, ќе ја посети Софија и ќе се разговара за членството на Бугарија во ЕУ, за поддршка на владините активности, вклучително и за дијалогот со Македонија. „Не станува збор за забрзување на постапката, туку за преговарачка постапка која дава реални резултати“, рече Бориславова.
Има јасна поделба во владејачката коалиција во однос на Македонија. Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија ја бранат тезата дека мора да се најде брзо решение, а БСП и Има таков народ не дозволуваат никакви компромиси на оваа тема.