Во Софија денес потпишување на билатералниот протокол


 

По изгласувањето на заклучоците за францускиот предлог во македонското Собрание и одобрувањето на предлогот од страна на македонската Влада, Северна Македонија по 17 години ќе ги отпочне претпристапните преговори со Европската Унија. Меѓувладината конференција, според најавите, ќе се одржи во вторник во Брисел, а премиерот Димитар Ковачевски најави дека отварачката изјава ќе ја прочита на македонски јазик.

Денеска во Софија ќе биде потпишан и билатералниот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија, а претходно состанок ќе одржи меѓувладината комисија на кој ќе присуствува министерот за надворешни работи Бујар Османи. Протоколот, според најавите, ќе биде јавно објавен по неговото потпишување.

Протоколот ќе го потпишат министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговата бугарска колешка Теодора Генчовска.

Потпишувањето ќе биде во 10 часот по бугарско време, по што, според најавите, протоколот ќе биде јавно објавен.

Реципроцитетот е принципот на кој се заснова Протоколот и овој принцип, како што најавија дипломатски извори, ќе се почитува во сите сфери, но нема да се примени во однос на правата на Македонците во Бугарија, поради ограничувањата во бугарскиот Устав, кој не признава етнички заедници. Таму, како што посочуваат од МНР, поради тие ограничувања, милион Турци се изјаснуваат како бугарски државјани.

Внесувањето на Бугарите во Уставот останува услов за Северна Македонија за отворање на поглавјата, а во Протоколот е наведено дека тоа ќе се реализира со формулацијата – припадници на други народи, каков што е бугарскиот народ.

Во документот е предвидено и заедничко чествување на историски личности, но откако за тоа ќе се договорат членовите на истоирската комисија. Работата на Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, како што посочуваат дипломатски извори, не може да биде еднострано прекината. Какво решение и да има, истото мора да се прифати од двете страни, инаку обврската не може да биде еднострана. Таа нема да има рокови во работата, туку охрабрувања.

Според дипломатски извори, историските и билатералните прашања не се одредници по кои ќе се оценува прогресот на земјава на патот кон ЕУ.

Потпишувањето на протоколот и состанокот на меѓувладината комисија следуваат откако вчера францускиот предлог беше одобрен од страна на Владата по усвојувањето на заклучоците во македонското Собрание.

Премиерот Димитар Ковачевски по вчерашната владина седница на која беше одобрен францускиот предлог оцени дека со ова се заокружува уште еден објективно историски чекор за нашата земја.

–  Ја имам честа да го најавам датумот за првата Меѓувладина конференција, која треба да се одржи веќе наредната недела, на 19 јули, во Брисел. Потоа, Европа ќе биде во Скопје, а Република Северна Македонија во Брисел, со полн капацитет, со пристап кон фондови, со пристап кон знаења, вистински принципи и најважно вредности, кон кои се стремиме и ги посакуваме. И сето тоа, врз идентитет, кој ќе се гледа континуирано во сите европски центри. Ве повикувам на заедништво, на верба, на позитивен пристап, на оптимизам, изјави Ковачевски на прес-конференцијата.

Претседателот на државата Стево Пендаровски во објава на Фејсбук оцени дека одлуките донесени од страна на Парламентот и Владата значат поддршка на европската агенда на земјата.

– Одлуките не беа ниту малку лесни да се донесат, но ќе овозможат деблокада на европските интеграции и спроведување на неопходниот скрининг процес. Сега е потребно и ЕУ да испорача, без одложување, напиша Пендаровски.
Пред Владата да го одобри францускиот предлог, Собранието по три дена расправа усвои заклучоци за францускиот предлог.

Собранието со 68 гласа „за“ ги усвои предлог заклучоците поднесени од СДСМ и ДУИ по расправата за Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори со Европската Унија, предложена од страна на француското Претседателство со Советот на ЕУ. На чинот на гласање не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица.

Со заклучоците се бара безусловно почитување на јазичните, идентитетските, културните и историските особености на македонскиот народ. Се задолжува Владата, македонскиот јазик во преговарачката рамка да биде наведен без какви било додавки и фусности и во текот на преговорите, да не прифаќа да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во преговарачката рамка. Билатералните прашања поврзани со билатералните договори за добрососедските односи кои не се директно поврзани со правото на Европската Унија и со Копенхашките критериуми за членство да не бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на пристапните преговори со Европската Унија. Преговарачката рамка да се усвои веднаш на почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, пред првата политичка Меѓувладина конференција.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која ја напушти собраниската сала кога се гласаше за заклучоците, случувањата во Собранието се срам за државата.

– Предавството ќе биде немирната совест со која мора да живее секој пратеник и член на Владата што го поддржаа овој предлог. Ќе помине се и за неколку години повторно ќе треба да го погледнат народот во очи на улица, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.

Побара избори и најави дека нема да дозволат Бугарите да бидат внесени во Уставот. За таа цел, вкупно 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, како што соопшти, завериле на нотар изјави дека со мирна совест и здрава свест нема да прифатат промена на Устав.

Одобрувањето на францускиот предлог во Собранието и Владата го поздравија првите луѓе на ЕУ, САД, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц.