Во собраниските комисии едногласни за договорот со Фронтекс
Ва собраниската Комисија за надворешна политика денеска едногласно беше поддржана потребната за донесување на законот за ратификација на Договорот со Фронтекс склучен меѓуМакедонија и Европската унија.
Пред членовите на Комисијата министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски појасни дека подготовките за овој закон биле започнати уште во декември 2015 година, но поради противењето на Бугарија во однос на формулацијата за јазикот беше одложено неговото официјално потпишување. Договорот конечно беше потпишан на 26 октомври 2022 година во Скопје.
„Додека да се операционализира Договорот од Фронтекс веќе ги добивме писмата и продолжува билатералната акција која ја имаме со неколку држави од ЕУ и од регионот за обезбедување на нашата јужна граница, каде имаме околу 160 полициски службеници од држави земји-членки и од Србија. Ова ќе биде еден преоден период во којшто ќе можеме сите подготовки да ги завршиме и конечно да се започне со имплементацијата на договорот“, рече Спасовски.
На прашањето од претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски, за тоа дали постојните билатерални ангажмани на полициски службеници и безбедносни сили од ЕУ-членки кои се ангажирани на јужната граница ќе бидат заменети со тимови на Фронтекс, Спасовски рече дека договорот не ги исклучува овие билатерални спогодби, туку започнале и процес на склучување анекси на постојните договори со цел да се доуредат одредени прашања.
Пратеничката од НСДП, Соња Мираковска, меѓу другото потенцира дека Договорот со Фронтекс е потпишан и составен на 25 јазици меѓу кои и на македонскиот јазик со што, според неа, уште еднаш се потврдува дека македонскиот е дел од европските јазици.
Договорот беше одобрен и од Законодавно-правната комисија. Законскиот предлог за ратификација на Договорот со Фронтекс е ставен на дневен ред на денешната пленарна собраниска седница.