Во Собранието заврши интервјуирањето на кандидатите за членови на ДКСК


Во Собранието на Република Северна Македонија вечерва заврши интервјуирањето на кандидатите за членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.

За новиот состав на Антикорупциската комисија беа пријавени вкупно 57 кандидати, од кои во административната селекција се утврдило дека 15 кандидати не ги исполнуваат условите или имаат доставено некомплетна документација. 

Претседателката на Комисијата за селекција на кандидати Фаница Николоска за МИА изјави дека интервјуто траеше три дена со 42 кандидати. – Сите кандидати се појавија на интервјуто, освен една кандидатка која поднесе известување до Собранието дека ги повлекува документите, односно дека ја повлекува пријавата, рече Николоска за МИА.

Таа појасни дека за секој ден биле предвидени по 14 кандидати. Првиот ден поминале 15 кандати бидејќи еден кандидат поднел молба да биде прв поради службено патување. Вториот ден имало 12 кандидати, а денеска 14 кандидати. 

Комисијата за селекција на кандидати има обврска да се состане во рок од три дена и да направи ранг листа или да ги бодува кандидатите.

– Законската обврска е дека најдоцна до вторник треба да биде објавена ранг листата. Во вторник Комисијата за селекција ќе ја изготви ранг листата, која ја доставува до Комисијата за избори и именувања, која ја утврдува и во рок од два дена му ја доставува на Собранието. На Собранието му се предлага целосна листа, нагласи Николоска.

По спроведените интервјуа, Николоска изјави дека имале квалитетни кандидати, од различни професии, со долгогодишно работно искуство, како и помлади кандидати и пензионери.

На интервјуирањето на кандидатите денеска во Собранието беа присутни пратеници од опозицијата и власта како и невладини организации, здруженија.

Мандатот на актуелните членови на Комисијата – Билјана Ивановска, Владимир Георгиев, Софка Пејовска Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеноски и Шемси Салаи истекува на 7 февруари следната година и тие немаат право на повторен избор. Новата комисија треба да почне да функционира  на 8 февруари следната година.