Во Собранието летаа пердуви: дезертери, кодоши, шпиони, арамии…

Жесток одговор на премиерот Ковачевски на обвинувањата дека „дезертирал“ во 2001. Тој го нарече Драган Ковачки „движечка мизерија и дезертерски кодош“


 

Што сѐ не се кажа денеска во Собранието уште на почетокот на седницата за пратенички прашања – еден куп обвинувања дека некој е дезертер, кодош, арамија, насилник, антимакедонец…

Сосема очекувано беше дека по десетдневната канонада околу наводното „дезертерство“ на премиерот Димитар Ковачевски во 2001 година, ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе настапи со нов артилериски багаж со сегашната ударна тупаница – Драган Ковачки.

Поранешниот армиски полковник, а сега пратеник, го повтори досегашните обвинувања за Ковачевски дека наместено ја добил одлуката на лекарската комисија за „трајно неспособен“ само да не учествува во воениот конфликт, а уште додаде дека тој бил и закана за НАТО.

„Таквото лице што го изгласавте да ви биде премиер, седи на маса со НАТО членки. Ако еднаш лажирал документ, ќе лажира повторно и затоа тој е закана и за НАТО. Таквото лице, кое одбило да ја брани сопствената држава поради трајна неспособност или лажирање со помош на неговиот близок роднина Александар Ковачевски, кој работел како началник во МО, не смее да има пристап до буџет од 5 милијарди евра! Таквото лице, кое одбило да ја брани сопствената држава поради трајна неспособност или лажирање, не смее да има на располагање државен апарат, војска, полиција, здравство, образование, под себе, затоа што таквите лица треба да се на друго место, а не во Владата“, зборуваше Ковачки.

Одговорот на Ковачевски беше жесток, во многу нешта и невобичаен и покажа дека неговите политички ривали ќе мора да се навикнуваат на противник кој вербално ќе оди на самиот раб. И ќе зборува без политички пардон. Ковачевски, обраќајќи им се на граѓаните, а не на Ковачки, рече дека лекарската потврда за неспособност за служба во армијата била во 2000, а не во 2001 година.

„Во 2000-та година согласно сите законски процедури, базирани на Законот за одбрана од 1992 година, член 51 и во рамки на јавна, повеќестепена процедура, врз основа на мислење на стручни лица-доктори по медицина, а заради мој здравствен, абдоменален проблем, со кој сѐ уште се соочувам, се регистрираше мојата неможност за служење на воената обврска. Не јас самиот, не моето семејство, туку непознати за мене лица, во регрутните комисии констатирале таков факт. Ниту сум бил првиот ниту последниот таков случај, базиран врз објективна медицинска состојба“, рече Ковачевски.

Потоа премиерот, се насочи, како што рече, она „што е поважно, главното“ и за Ковачки зборуваше како за човек кој додека бил во АРМ „кодошел, крадел документи, навредувал колешки и колеги, издавал информации, тргувал со нив со разни интерни и странски структури“.

Покажувајќи со рака кон вмровските пратенички клупи, тој рече дека таму има многу голем проблем, споменувајќи ги зборовите „арамии, криминалци, насилници“, додека од таму имаше гласни извици на негодување.

Оваа група овде на опозицијата и претходниот говорник како нивен предводник, а под налог на неговиот налогодавач, во последно време имаат голем, многу голем проблем. Бидејќи се арамии, криминалци, неработници, насилници, кодоши. Бидејќи се растураат внатре помеѓу себе заради делење пари и тендери, како овој последниот од 136 милиони евра. Како што цело раководство им е осудено на десетици години затвор за криминал“.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска зборува, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, го мести костумот (Фото: Б. Грданоски)

За потоа да премине на Драган Ковачки и го нарече „движечка мизерија и дезертерски кодош“ велејќи дека работел за странски и домашни разузнувачки структури.

„Видете кој човек говори за војска, за неспособност и за манипулации? Човек кој додека бил во АРМ кодошел, крадел документи, навредувал колешки и колеги, издавал информации, тргувал со нив со разни интерни и странски структури! Човек кој бил казнуван и санкциониран!

Човек кој ми го спомнува мојот драг покоен роднина, кој го заврши својот живот заради трагичната и прерана загуба на своите најмили, своите две деца. Човек кој ја срамел Армијата, работел против својата држава за пари и за интереси на странски и домашни разузнавачко-бизнис структури!

И затоа не е случајно што тој дезертираше од АРМ по нашиот влез во НАТО, затоа што нема да добие ни пропусница за влез во зграда, а камоли безбедносен сертификат! Бидејќи во АРМ како дел од НАТО нема место за кодоши.

Почитувани граѓани, знаете што е прототип на дезертер? Е, тоа е човекот што тука платен со народни пари зборуваше пред мене. Дезертер кој ја посрамотил униформата, ја погазил свечената воена заклетва, му ги симнале еполетите и облекол сако за во белата палата да го прави она што очигледно најдобро го знае да го прави. Да кодоши, да плука и по мртви и по живи, и да прави пари кодошејќи ја својата држава, Армија и граѓаните.

Тоа е мизерија! Беда! Срамота!

(Тоа е) движечка мизерија и дезертерски кодош. Мислам дека за него е итно потребна конзилијарна медицинска проверка“.

Ковачевски нагласи дека во 2001 бил во Македонија, во Скопје и Куманово, и му помогал на неговиот татко, кој тогаш беше градоначалник, како да се смират тензиите во Куманово и како кумановци да добијат вода, кога беа запрени вентилите на Липковското Езеро. И рече дека „екипата на ВМРО-ДПМНЕ фаќаше кривини по грчките плажи и профитираше правејќи воен криминал“.

Инаку, Драган Ковачки во елаборацијата пред да го постави прашањето рече дека „пред мене седи човек кој одбил да оди во војска затоа што решил да се спаси. Тој не мислел дека е чест да се брани државата. Тој барал начини само како да се спаси. Додека патриотите гинеа и ги полнеа гробовите, Ковачевски, дете на градоначалник и висок функционер на СДС, во 2001 година се криел под јорган“. Тој го праша Ковачевски и како гледа на загинатите во Втората светска или на илинденците.

Премиерот Ковачевски најпосле додаде дека е добро што Ковачки си заминал од Армијата. „Конечно, АРМ се спаси што овој човек, дезертер и кодош, го нема повеќе во своите редови. Се прочистила од овој срам и мизерија од човек. На следните парламентарни избори, убеден сум, и Собранието ќе се исчисти и прочисти од него и таквите како него“.

Дали оваа жестока пресметка ќе има влијание врз натамошната работа на Собранието, кое е повеќе закочено отколку во работна функција, ќе се види многу брзо. (Љ.П.)