Во Собранието конечно почна расправата за разрешувањето на Фадиљ Зендели
По целодневни надмудрувања околу дневниот ред вечерва во 20:30 часот конечно почна расправата за разрешувањето на пратеникот на Беса од Комисијата за избори и именувања. Пратениците на опозицијата со многу процедурални забелешки, па и остри дискусии и доаѓање до пултот на спикерот, го одвлекуваа почетокот на расправата и по неколку паузи претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја продолжи расправата.
Расправата за Зендели е прва точка на дневниот ред на оваа седница кој беше претходно усвоен, но собраниските служби во внатрешниот „Дневен информатор“ поради „грешка“, како што наведе Џафери не го ставиле вистинскиот усвоен дневен ред.
Со Зендели опозицијата има мнозинство во Комисијата за избори и именувања, а тој по изборите во 2020 година таму беше избран како дел од тогашната заедничка листа на СДСМ и Беса. По неуспешното соборување на владата на 11 ноември Беса премина во опозиција со нејзините двајца пратеници и сега има места во повеќе собраниски комисии, кои ѝ припаѓаа како дел од тогашната владејачка коалиција. Поради ова е блокирана не само работата на Комисијата за избори и именувања туку и во неколку други комисии. Според одредбите составот на собраниските комисии се одредува пропорционално на резултатите од изборите, а во овој момент тие не соодветствуваат со тие резултати. Поради блокадата на Комисијата за избори и именувања е закочена постапката за изборот на нови уставни судии (Уставниот суд сега има само пет од деветте членови на неговиот состав), но и за избор на многу други функционери.
Прв за дискусија се јави токму Фадиљ Зендели, а има многу пријавени од ВМРО-ДПМНЕ, па не е јасно колку долго ќе трае расправат, но сигурно нема да заврши денеска. По дискусијата на Зендели и неколку реплики и контрареплики седницата беше прекината, Џафери даде пауза до 22 часот. (Н.В.)