Во Словенија зависник од хероин за пари и за други луѓе се вакцинирал 23 пати


Словенечките медиуми денес ја шокираа тамошната јавност откривајќи афера поврзана со вакцинација против корона вирусот, бидејќи наводно поединци наплатуваат за вакцинација во име на други луѓе. Повеќето од нив се бездомници или луѓе со понизок финансиски статус, кои на тој начин ја обезбедуваат својата егзистенција.

Весникот „Дело“ известува дека на Клиниката за инфективни болести во Љубљана еден зависник од хероин бил вакциниран дури 23 пати во име на некои други луѓе кои не сакале да примат вакцина, но ја „примиле“, барем на хартија.

Еден млад човек посочи дека бил вакциниран веќе четири пати и дека од мај во Словенија се трага по луѓе кои ќе бидат вакцинирани во име на друго лице.

Според „Дело“, овој пропуст фрла сомнеж врз идентитетот на лицата што се вакцинираат.

Словенечките власти сѐ уште не ги коментираа овие медиумски наводи, па за очекување е оваа приказна да го добие своето продолжение во следните неколку дена.