Во Словенија расте притисокот врз граѓаните да се вакцинираат


Како една од мерките за забрзување на вакцинацијата владата го укина бесплатното тестирање на граѓаните

 

Во последните 24 часа во Словенија се потврдени нови 111 случаи на корона вирус, а вкупниот број активни случаи е 840, поради што здравствените власти повторно предупредуваат за претстојниот нов бран и потребата од зголемена вакцинација.

Една од мерките за зголемување на интересот за вакцинација е одлуката на владата да го укине бесплатното тестирање за граѓаните од 23 август, освен за лица на кои не им е дозволено да се вакцинираат од здравствени причини и невакцинирани здравствени работници, персонал во домови за стари лица или на издржување казна.

Владата досега потроши 50 милиони евра на брзи тестови и 70 милиони на тестови за ПЦР, додека третманот на оние кои завршија во болница чинеше околу 200 милиони, им рече на новинарите во вторникот Јанез Поклукар, министер за здравство. Затоа, бројот на места за тестирање ќе се намали и тие веќе нема да бидат бесплатни, освен за посебни категории, но владата подготвува уредба според која цената на тестовите за плаќање би била максимална на 12 евра.

Како што рекоа министерот за здравство Поклукар и директорот на Институтот за јавно здравје Милан Крек на прес-конференција во петокот, трендовите во Словенија и низ цела Европа се такви што инциденцата на инфекции и репродуктивниот број на ширења растат. Во Словенија, инциденцата е 39,8% на 100.000 жители.

Поклукар изрази загриженост за податоците од Португалија, каде што доминантна е варијантата Делта, бидејќи се покажа дека помладите инфицирани лица на возраст од 20 до 40 години имаат поголема веројатност да имаат потежок тек на болеста и подолго закрепнување, па затоа и кампањата за вакцинација треба да се забрза. Стапка на вакцинација за лицата над 50 години треба да стигне над 80 проценти.

Светот оди во нов бран на епидемијата, препорачуваме сите што патуваат ова лето да се вакцинираат пред да заминат на годишен одмор, рече Крек, додавајќи дека минатата недела во Словенија имало голем број увезени случаи на инфекција, вклучувајќи 42 од Хрватска и 57 од Шпанија.

Уделот на Делта варијантата меѓу заразените во Словенија се зголемува, рече Крек, додавајќи дека Словенија веројатно се движи кон третиот бран, за кој е потребна уште поинтензивна вакцинација, но и придржување кон основните анти-епидемиски мерки, како што е носење маска, физичко растојание и проветрување на просториите.

„Од нас зависи како ќе се движи овој нов бран во нашата земја“, додаде тој.