Во Словенија е објавена и промовирана двојазична антологија на младите македонски поети
На Оделот за славистика при Филозофскиот факултет во Љубљана се промовираше двојазичната илустрирана антологија „Ново раѓање на зборот = Novo rojevanje besede“ со поезија од млади македонски автори родени од 1991 година. Изданието, неодамна го објави Македонско културно друштво Македонија од Љубљана со финансиска поддршка на Јавниот фонд за културни дејности на Република Словенија.
Словенечкото издание претставува дел од истоимената антологијата што ја приредија Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, во издание на ПНВ Публикации, 2023, и содржи песни од Андреј Ал-Асади, Марија Грубор, Ива Дамјановски, Сара Ѓоријоска, Ивана Јовановска, Софија Поповска, Михајло Свидерски и Васил Ханџиски, во избор и препев на студентките по јужнословенски студии од Љубљана (Ана Марија Алачкоска, Маша Јосиповиќ, Жана Ковачич, Хана Подјед, Грета Рихтар, Лаура Сарафинов и Леа Водопивец) под менторство на нивната професорка по македонски јазик и книжевност Намита Субиото, а песните ги илустрираше Сашка Митрова Јорданова, членка на ликовната секција од Македонското културно друштво Македонја од Љубљана.
Имено, пред речиси точно една година, во рамките на годината во чест на Ацо Шопов, на филозофските факултети при државните универзитети во Загреб и во Љубљана, професорката по современа македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, д-р Весна Мојсова-Чепишевска одржа предавање за клучните карактеристики на поетиката, животот и делото на Ацо Шопов, а се промовираше и антологијата на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот“. Антологијата, што ја претставија Јулијана Величковска и Иван Автоновски, наиде на голем интерес кај студентите и студентките по јужнословенски студии во Љубљана кои се решија да се нафатат на преведување на одбрани песни и една година потоа се случува овој прв превод на оваа антологија, и тоа на словенечки јазик.
Промоцијата што ја водеше Намита Субиото ја воведе разговор со главната и одговорна уредничка на ПНВ Публикации и поетеса Јулијана Величковска, а потоа од Скопје се вклучија приредувачите на антологијата „Ново раѓање на зборот“, Мојсова-Чепишевска и Антоновски, по што препејувачките ги читаа своите препеви и ги споделуваа своите препејувачки искуства. На присутните беше пренесен и поздравот од Вања Вардјан, претседател на МКД Македонија кое во соработка со Катедра за македонси јазик и книжевност на Одделот за славистика при Филозофскиот факултет во Љубљана објави веќе шеста двојазична публикација (пред тоа: „Дениција“ на П.М. Андреевски, избор поезија и проза од млади автори „(Не)пар“, избор од поетската антологија „Дојди во Охрид“, циклусот „Марко Крале“ на Конески, избор поезија за деца „Смешна случка во зоолошка градина“).
Инаку, Јулијана Великовска гостува во Словенија во рамките на проектот „Прешерново оро 2024“, организиран од Македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ од Крањ и поддржан од Јавниот фонд за култруни дејности на Република Словенија.
Проектот „Прешерново оро“ во кој учествува и Катедрата за македонски јазик и книжевност од Љубљана, има речиси дведецениска традиција и цел да ги запознава членовите на македонските друштва, студентите и пошироката словенечка јавност со современата македонска литературна сцена. Гостите на „Прешерновo орo“, перспективни македонски книжевни творци, одржуваат предавање или разговор со студенти на Филозофскиот факултет во Љубљана и книжевно читање на централната манифестација „Прешерново оро“ во Македонскиот културен центар во Крањ, а од 2016 година, тие се редовни гости и на културните настани наречени „Ад хок музичка и ликовна импровизација интерпретираат поезија/проза“, на кои локалните музичари и сликари во живо преку музички и сликарски јазик комуницираат со книжевното читање на македонските гости креативно поврзувајќи се со нив. Ад хок настаните ги основа и ги води Петра Коршич.
На годинешниот „Македонски Ад хок“, одржан во градската библиотека „Knjižnica Otona Župančiča“ во Љубљана настапија поетесата Јулијана Величковска, виолинистот Милош Симиќ, групата Струни и сликарката Светлана Јакимовска Родиќ, а избор од поезијата на Величковска објави Друштвото на писателите на Словенија.
Величковска настапи и во Македонскиот културен центар во Крањ.
Веќе е најавено делови од антологијата „Ново раѓање на зборот“ приредена од Мојсова-Чепишевска и Антоновски да бидат објавени и во други држави.