Во следните седум дена очекуваме бројот на примени пациенти да биде поголем од бројот на испишани, порача Филипче


Во следните седум дена очекуваме бројот на примени пациенти да биде поголем од бројот на испишани, и затоа овој бран и наплив во болниците треба да се издржи, затоа што има план кој веќе се спроведува. После овој период се очекува намалување на бројот на хоспитализирани пациенти, рече на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Посочи дека денеска се правеле проценки и на бројот на пациенти кои во следниот период би биле излекувани.

– Многу е важно состојбата да се држи под контрола и на дневна основа се прават планови, по потреба прераспределба и на пациентите кои се сместени и секако на кадарот. Деновиве сум во интензивен контакт со сите директори на болниците. На дневна основа се прават овие проценки, организација, реорганизација, истакна Филипче.

Посочи дека целиот менаџмент на клиниките и одделенијата е максимално мобилизиран и верува дека успешно ќе одговорат и на овој голем предизвик. Според него, ова е најголемата здравствена криза во нашата земја досега.

– Никогаш не сме се соочиле со ваква здравствена криза. Не е воопшто лесно, но имаме и знаење и капацитет и начин на организација и план што веќе се спроведува за оваа криза да ја надминеме. Досега одлично се менаџираше кризата, го подготвивме системот за ова сценарио и сега го спроведуваме. Барам силна поддршка од граѓаните, од сите чинители во општеството, за здравствените работници. Барам разбирање и трпение кај граѓаните, на кои заради оваа криза им се откажани претходно закажаните прегледи и интервенции и верувам дека ќе се вратиме во нормала брзо и тие повторно ќе имаат пристап кон здравствените услуги, но во овој момент сите сили ги насочуваме за да излеземе од оваа криза, додаде Филипче.