Во Скопје стартуваше 48-часовниот хакатон „НАСА спејс апс челинџ 2022“

Учесници се млади иноватори од целата земја на возраст од 12 до 29 години. Награда за најдобрите е патување во Nasa Kennedy space центарот во САД


 

Денеска стартуваше 48-часовниот хакатон NASA Space Apps Challenge, во организација на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот и Фондацијата Голдилокс, во партнерство со Амбасадата на САД во Скопје, и во соработка со домашни компании, ментори експерти од индустријата, професори и наставници. На отворањето се обратија Ирена Чаушевска Даниловска лидер на натпреварот во Македонија, како и Марлин Најс, Советникот за односи за јавност во Амбасадата на САД во Скопје.

Најс го изрази своето задоволство од интересот на младите да се вклучат во овој голем натпревар, и истакна дека токму развојот на вештини во STEAM областите (наука, технологија, инженерство, уметност и математика) ќе им овозможат одлични кариерни можности, а истовремено ќе можат да придонесат и за успешен развој на нашата земја.

Хакатонот ќе се случува во текот на целиот викенд од 9:00 до 22:00 часот, во просториите на ИТ хабот Нетавил (ул. Никола Тесла бр.9, Скопје), а тимовите ќе можат да работат на еден од 22 предизвици зададени од експерти и научници на NASA. Во Македонија оваа година натпреварот се одржува јубилејно по 10ти пат.

Најголемиот дел од учесниците се ученици во средните стручни училишта и универзитетите низ државата, а најбројни се тие од Скопје, Куманово, Тетово, Велес, Прилеп, Битола, Кавадарци, Кочани, Виница, со вештини и знаења во програмирање, инженерство, природни науки, математика, 3Д моделирање, визуелизација на податоци, претприемништво. Главна награда за 2 члена од победничкиот тим е патување во посета на NASA Kennedy Space центарот, во Флорида, САД заедно со нивниот ментор и да гледаат полетување на ракета, како и да остварат средби директно со експерти од NASA во областа на предизвикот на кој работеле.

Денес учесниците имаа можност да проследат Презентација на предизвиците на кои ќе можат да работат во рамки на натпреварот, а учествуваа и на Подготвителна Работилница за поттикнување на работа во тим, креативност, иновативност, решавање на проблеми и лидерство. Можноста за вклучување со присуство во живо онлајн е отворена до изутрина до 9:00 часот, преку линкот https://bit.ly/NASASpaceAppsMKD.

Досега над 1.500 млади таленти од нашата земја на возраст од 15 до 29 години имаат земено учество, а големо е задоволството што во последниве неколку години дури 40 отсто се девојки. Три наши тимови досега беа прогласени меѓу 40-те финалисти на натпреварот во глобална конкуренција од над 2.000 тимови што е многу значајно постигнување, и тоа: Тимот Delta во 2017 година, како и тимовите Atom Z и EXCEL-erators во 2020 година.