Во Скопје се одржува македонско-казахстански бизнис форум, посветен на унапредување на економската соработка
Македонско-казахстански бизнис форум, посветен на унапредување на економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Казахстан ќе се одржи денеска во Скопје, соопшти Стопанската комора на С. Македонија.
Настанот ќе се одржи во просториите на Комората со почеток во 11:30 часот.
Во рамки на настанот ќе бидат потпишани Договор за основање на Бизнис совет помеѓу Комората за меѓународна трговија на Казахстан и Стопанската комора на Северна Македонија и Меморандум за соработка помеѓу Центарот за развој на трговска политика „QazTrade“ и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.
Казахстанската бизнис делегација е предводена од министерот за трговија и интеграции на Република Казахстан, Арман Шакалиев, кој е во работна посета на земјава.