Во Скопје ќе се згрижат евентуалните болни од корона, а во Штип, Велес и во Гостивар сомнителните случаи
Здравствените власти го подигнаа степенот на претпазливост за опасноста од корона вирусот. Утрово е воведена е контрола на сите патници кои доаѓаат во нашата земја, а истовремено се советува граѓаните, доколку се во можност, да ги одложат патувањата во регионот на Северна Италија, каде што е регистрирана појава на болеста. Исто така, веќе се знае и кој болници ќе се користат, доколку има заболени од корона вирусот, а кои кога станува збор за сомнителни случаи, односно кога има потреба тие да се стават под повеќедневен надзор.
„Доколку има некој заболен со корона вирусот, тој се спроведува по соодветен пат од Здравствениот дом во Скопје со подготвен тим до Инфективната клиника во Скопје, каде постои еден дел за изолација, односно доколку е потребен и карантин. Доколку има патници кои треба да се опсервираат и да се следат, за тоа се подготвени инфективното одделение во Клиничката болница во Штип, како и инфективните одделенија во болниците во Велес и во Гостивар, по потреба, во зависност од тоа колку граѓани ќе треба, ако воопшто треба да се опсервираат“, информираше министерот Филипче.
Утрово се одржал состанок со Комисијата за заразни болести на кој присуствувале претставници на граничната полиција. Како што соопшти Филипче подигнато е нивото на внимателност и подготвеност на сите институции. Така, на аеродромот, мерките се проширени не само за патниците кои доаѓаат од Кина, преку конекциите во Истанбул и Дубаи, туку и на сите останати.
„Сите патници ќе бидат скенирани при влегувањето во делот за царина“, вели Филипче.
Тој додаде дека се во контакт со конзулот во Венеција. Во овој момент нема податоци дека има заболени или под опсервација македонски граѓани во Италија.
„Се организиравме и го замоливме конзулот, доколку постои механизам тој биде известен доколку група наши граѓани сака да се врати во нашата земја, на тој начин ќе имаме дополнителни информации каде и кога тие би се појавиле на граничните премини“, вели Филипче.
Изготвен е и посебен прашалник, според кој ќе постапуваат граничните полицајци и царинарниците. Патниците се прашуваат од каде доаѓаат, дали евентуално од некој од критичните региони, дали биле во контакт со заболени, без разлика каде.
„Врз основа на одговорите, граничната полиција стапува во контакт со регионалниот Центар за јавно здравје или со Институтот за јавно здравје во Скопје, а понатаму доколку има некој патник, кој би бил потенцијален пациент во смисла на појава на некои симптоми или да бил во контакт во изминатиот период се постапува согласно алгоритмот. Тоа значи дека епидемиологот го сместува тој патник во посебна просторија на граничниот сувоземен премин, каде што се прават проверките, се прави тестирањето и понатаму се постапува согласно резултатите“, истакна министерот Филипче.
За денеска попладне исто така е предвиден состанок со Центарот за управување со кризи во Министерството за внатрешни работи, со цел да се искоординираат активностите и на другите институции Корона вирусот веќе зема четири човечки жртви во северниот дел на Италија, а заразени се над 160 лица. Во регионите во кои е регистриран вирусот, според информациите на Министерството за надворешни работи живеат и работат околу 23.000 македонски државјани.
Министерството за здравство утрово апелираше граѓаните во целост да ги почитуваат превентивните мерки за заштита:
- Да се воведе дополнителна заштита на храната – да не се консумира храна направена од болни животни;
- Да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната – да се користат различни садови и ножеви за подготовка и сечкање сирова храна и да се мијат задолжително рацете по секоја подготовка на храна. При подготовка на месо и јајца истите убаво термички да се обработат;
- Да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари – задолжително носење заштитни опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло, по употребата целата опрема да се извади и да се пере секојдневно. Да се внимава да се заштити семејството од неиспрана работна опрема;
- Да се штити населението од настинки – да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни.
- Задолжително и често миење на раце – и кога не се видливо нечисти да се мијат рацете со сапун и вода или да се користи чистач за раце кој содржи алкохол;
- Заштита на останатите од заболување – при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или со дланката. По употреба марамчињата да се фрлаат во затворени канти. При кашлање или кивање, како и при грижа за болни задолжително да се мијат рацете.