Во Скопје доаѓаат врвни карате мајстори од регионот


На 12 и 13 април во Спорсткиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи Големиот балкански карате семинар 2 во организација на „Карате центар Пејов“. Семинарот ќе го водат инструкторите шихан Тони Петров од Бугарија – 7 дан, сенсеи Зоран Пејов од Македонија – 5 дан, сенсеи Ранко Вукотиќ од Црна Гора и сенсеи Милан Ѓокиќ од Србија – 7 дан.

Главниот настан и свеченото отворање се на 13 април (сабота) во малата сала на „Борис Трајковски“ со почеток од 15 часот.

Се очекуваат учесници од Македонија, Србија, Бугарија, Црна Гора, Турција, од Косово се чека потврда.

– Големиот балкански карате семинар ќе се одвива со заложба за мир и љубов, толеранција, разбирање и регионална соработка. Да се надминат разликите, да се биде пример на сите, практикувајќи го со нас традиционалното карате – до, спортското карате, џиу џицу и самоодбрана, изјави Пејов.
Да потсетиме дека минатата година Големиот балкански карате семинар во Скопје од сите мајстори беше прогласен за најдобро организиран, на кого присуствуваа амбасадорите Душанка Дивјак – Томиќ од Србија, Иван Петков од Бугарија и заменикот на амбасадорот на САД, Микаела Швајцер – Блум, како и третиот секретар на српската амбасада Срѓан Недељковиќ.

Идејата е со заедничка соработка да се изградат спортисти кои балканските земји ќе ги претставуваат на Олимписките игри во Париз 2024 (ако го има на листата на спортови на Игрите) и соработка со Француската карате федерација. Оваа врска се гради преку карате мајсторот Стојан Стојанов, роден кавадарчанец кој живее и работи во Франција.

Првата од четирите етапи на семинарот за оваа година се одвиваше во Софија, Бугарија на 22 и 23 март.
По Скопје (12 и 13 април), следуваат семинари во Ниш, Србија (7 и 8 јуни) и во Будва, Црна Гора (20-23) јуни.