Во Скопје доаѓа музичкиот трилер „Емилија Перез“ кој води со 10 номинации за 82. Златен глобус


Музичкиот трилер „Емилија Перез“ на Жак Одијар, за мексикански наркобос кој ќе го смени полот во жена, доаѓа во Скопје. Од 9 јануари е на репертоарот на Синеплекс. Филмот води со 10 номинации за 82. Златен глобус, кој ќе се одржи в недела,  пред конкурентите како мјузиклот „Злобница“, папскиот трилер „Конклава“ и повоениот еп „Бруталистот“. Филмот на Одијар  освои 5 Европски филмски награди, меѓу кои и за најдобар филм и режија и за актерка за транс-жената Карла Софија Гаскон.

Нетфликс, ја купи „Емилија Перез“ по премиерата на филмскиот фестивал во Кан, а во него глумат и Зои Салдана и Селена Гомез. Сите три актерки се номинирани за Златен глобус.

Шпанскиот мјузикл посветен на трансродовите лица е директен удар за разгалената публика, а особено за новиот вид таканаречени „еминентни професионални критичари“. Овој крими-мјузикл можеби е сето она што не е извиканиот „Џокер: Лудило за двајца“. Овој филм претставува вистински предизвик за секој љубител на филмот.
Кога ќе се помисли на мјузиклите како филмски жанр, многумина сметаат дека станува збор првенствено за лесна забава, но дали е навистина така? Напротив, „Емилија Перез“ покажа дека и во еден ваков правец може да се твори со сериозен пристап. Поентата на добриот мјузикл, како и на секој добар филм што сака да допре до публиката, е да зборува за болните социјални аномалии на привлечен начин. Кога ќе помислиме на мјузикли што оставиле вечна трага кај гледачите не можеме, а да не се сетиме на некои имиња, како на пример легендарниот „Томи“ на Кен Расел од 1975 година или, пак, фасцинантниот рок-мјузикл на Милош Форман насловен „Коса“. А дали се сеќавате на спектакуларниот „Роки хорор пикчр шоу“ или „Крај бејби“? Набројувајќи до недоглед, ќе го добиеме толку потребниот социјален ангажман во тие продукции во кои се танцува и се пее.
Емилија Перез следи четири извонредни жени во Мексико, секоја од нив ја следи својата среќа. Водачот на картелот, Емилија, ја ангажира адвокатката Рита за да ѝ помогне да ја лажира нејзината смрт за конечно да може да живее автентично како нејзиното вистинско јас.
Емилија Перез е трансродово лице што во минатото била маж од Мексико, мачо-тип и злобен водач на моќен наркокартел, кој и покрај тоа што е препознаен како грижлив сопруг и татко на две мали деца – решава да го остави своето минато зад себе, оди на операција за промена на полот и станува жена. За да спроведе ваква радикална мерка, потребна му е помош од способен адвокат, а го наоѓа во ликот што го игра Зои Салдана, претходно не многу ценета практикантка, која е повеќе или помалку несреќна затоа што нејзината канцеларија брани корумпирани убијци и други докажани криминалци. Кога Манитас (тоа е името на злобниот наркобос во минатото) ѝ се обраќа и ѝ нуди решение за сите финансиски проблеми, Зои (Рита Моро Кастро, како што ја нарекуваат во филмот) се согласува по кратко двоумење. Нејзината задача е да најде соодветен хирург за да ја изврши бараната операција. Кога задачата ќе биде успешно завршена, Манитас/Емилија Перез (која ја глуми феноменалната актерка Карла Софија Гаскон) и Зои ќе ја продолжат својата соработка преку филантропско здружение со намера да им помогнат на семејствата што ги загубиле своите најблиски во борбите на мексиканските банди. Но духовите од минатото ќе дојдат по своето.

 

„Емилија Перез“ е филм што освои 18 филмски награди, вклучувајќи ја и специјалната награда на жирито на „Канскиот филмски фестивал“