Во сите тешки ситуации се крепиме со верата: Искрено со Ана Кондратенко, концертмајстор


Лејла Сабит

Во времето на карантин кога сите сме по дома и слушаме музика, читаме книги, гледаме концерти, филмови, серии, одиме во виртуелни галерии, сега е моментот кога треба да се запрашаме дали ни е јасно дека без трудот на нас, уметниците сега сите би седеле во тишина, без никаква занимација освен јадење, вели Ана Кондратенко (38), 15 години прва виолина или концерт –мајстор на Македонската филхармонија, во интервјуто за nezavisen.mk

Кондратенко која во фелата важи за исклучителен уметник, (родена во Новосибирск, и опкружена со вистински ѕвезди уште од самото детство), вели и дека коронавирусот е предизвик кој сите нас не тера да се рестартираме, да ги видиме вистинските вредности и да се посветиме повеќе на нашиот духовен, внатрешен и често запоставен живот.

 Колку вонредната состојба и полицискиот час ви влијаат на секојдневниот живот?

-Јас и мојот сопруг се погодивме во тоа што сме двајцата “домаседалци”. Така што не ни смета многу тоа што мораме постојано да сме дома. Дури и се радувам на тоа што сега имам време да јадеме секој ден заедно (бидејќи во обичен живот ретко кога се погодувавме во исто време сите дома да сме за јадење), да ги читам книгите што “ме чекаат” веќе подолго време, да ги гледам филмовите што одамна сакам да ги видам, да слушам некои нови музички дела, да слушам некоја нова музика, итн.

На кои лекции не (не) научи пандемијата?

-По мене најважната лекција е дека треба да знаеме да си ги цениме секојдневните убавини во животот и да уживаме во нив. Како на пример, слобода на движење, можност да видиме со блиски луѓе, другари или да се запознаеме нови луѓе без да се плашиме да се заразиме, можност за прошетка во било кое време од денот, слобода на патување-отворени граници.

Исто така мислам дека сега на сите ни е јасно колку е витално важен, а колку финансиски мизерно платен трудот на сите медициски работници. Освен голема почит и длабок поклон на лекари, медицински сестри, персонал во болници и волонтери, треба да не ги заборавиме и тие што исто така секојдневно се изложени на ризик, ама си ја вршат својата работа за да можеме што поспокојно да ја надминеме оваа ситуација – тоа се полиција, вработени во апотеки и супермаркети, возачи на камиони, цариници, луѓе од комунална хигиена. Извините, ако некој сум изоставила.

И уште едно нешто. Сега моментално во светот освен тие што ги набројав, работат деноноќно да се спасиме од оваа напаст,  и научниците, кои бараат лек за овој вирус и сите постоечки и не постоечки други напасти.

Борбата со коронавирусот е и ментална подготовка за новата ситуација која бара многу рационалност, сила и трпеливост, а со тоа и да го промениме животниот стил и приоритетите. Како вие се придржувате на апелите за заштита од оваа болест?

-Веќе спомнав дека нашата фамилија сосема спокојно ја прифати новонастаната ситуација, бидејќи сакаме да сме дома, пазиме на секојдневна хигиена не само во време на пандемија. Разлика од секојдневниот живот е само дека додадов повеќе витамини во исхраната и правам на секои два дена влажно чистење дома, а секој ден поминувам со средство за дезинфекција на места каде што најчесто ги допираме.

Ние сме христијани и веруваме дека сѐ е волја Негова. Со молитва и читање на Библија сите по дома сме духовно мирни и спокојни, бидејќи знаеме дека сме под најсигурна заштита, а тоа е нашиот Господ. Татко ми кој беше физичар со 160IQ, иако официјално беше атеист, кога бев дете, ми имаше кажувано дека позади таков сложен механизам како што сме ние, нашата Вселена не може да нема Механичар. Среќна сум што Господ ме донесе до средба со Олег, кој што порасна во фамилија на длабоки верници. Затоа сега, а и во сите тешки ситуации во животот се крепиме со верата.

Како е да се биде уметник во изолација? Дали заканата од вирус влијае на креативноста, во смисла ја потикнува или ја намалува?

-Тоа изгледа зависи од менталниот склоп на секој човек. Јас не ја сметам ситуацијата како закана, туку како предизвик на сите нас да се рестартираме, да ги видиме вистинските вредности и да се посветиме повеќе на нашиот духовен, внатрешен и често запоставен живот.

Дали сега во изолација, вежбате дома?

-Бидејќи немам во блиска иднина предизвик (концерти, фестивали се откажани за ова лето) и бидејќи имам дома професор што држи настава онлајн (со виолина), ќерката што има настава онлајн (со виола и клавир), јас не ги малтретирам уште повеќе нашите комшии со звук на уште една виолина. Како што кажав, една од ќерќите (постарата, Леона) свири виола и сега е втора година во ДМБУЦ, а помалата Летиција се префрли во септември од виолина на контрабас, ама сеуште нема свој инструмент дома, така што од нас само таа не свири по дома сеуште.

Ова е време на виртуелна култура, кога културните институции се затворени, и тука и во светот, се прават виртуелни тури низ уметнички галерии и музеи, а претстави и концерти се емитуваат онлајн или на јутјуб. И Филхармонија каде што сте концерт мајстор се вклучи со онлајн концерти на Јутјуб, потенцирајќи ја важноста од самоизолација, седејќи дома.Колку тоа ќе влијае на духот на секој поединец, на публиката и на вработените?

-Ние музичарите сме доста прилагодливи и брзо снаодливи во секоја ситуација, таква ни е професија. Сешто може да се случи на сцена и мораме да се снајдеме. Потсвесно ја пренесуваме таа навика и во секојдневен живот. Претпоставувам и нашите колеги глумци исто така. Сега се гледаме и комуницираме доста добро и доста често со колегите на социјални мрежи и месенџери. Секако не е тоа исто како во живо, ама среќни сме дека барем тоа го имаме како алтернатива.

Меѓутоа во времето на карантин кога сите сме по дома и слушаме музика, читаме книги, гледаме концерти, филмови, серии, одиме во виртуелни галерии, сега е моментот кога треба да се запрашаме дали ни е јасно дека без трудот на нас, уметниците сега сите би седеле во тишина, без никаква занимација освен јадење?

Што ви недостасува најмногу од секојдневниот живот?

-Слобода на движење и комуникација со луѓето во живо.

Кои концерти моравте да ги откажете?

-Сите до крај на мај, после ќе видиме.

Се слушате ли со семејството и пријателите во Русија и низ светот? Какво е нивното искуство?

-Секако се слушаме, сите сме во иста каша сега. Ама мило и драго ми е дека таа “каша” нѐ натера да се видиме сите заедно на месенџер. Инаку, се слушавме некако сам по сам. Фала му на Господа никој од нив не е заразен, сѐ е во ред. Се споредувавме со мерките во земјите каде што ми се членовите од фамилија, а тоа се Израел, Русија, Казахстан, Уганда и Македонија и се гледа дека луѓето секаде низ свет сакаат да останат здрави, генерално секаде се дисциплинирани и седат дома. Секако секаде има неразбрани и несреќни луѓе, ама поголемиот дел од народот е дома.

Што ќе направите прво кога ќе се нормализира ситуацијата?

-Веројатно ќе сакам во живо да се видам и да ги гушнам драги луѓе и блиски пријатели.