Во Шведска корона вирусот можеби бил присутен уште во ноември

Шведската агенција за јавно здравје објави дека е можно случаи на корона вирусот во земјата да се појавиле уште во ноември минатата година.

Сепак, според порталот „Локал“, Шведска во моментов не работи на утврдување кога се појавиле првите случаи во земјата.

Агенцијата го објави соопштението откако Франција информира дека еден маж бил заразен со вирусот во земјата на 27 декември, неколку дена пред да се пријават првите случаи во Кина.

Тогаш на пациентот му била дијагностицирана пневмонија, но примероците што тогаш биле земени сега повторно се тестирани и се позитивни на корона вирусот.

Мажот целосно закрепнал и наводно не знае како се заразил.

Главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел вели дека е можно во тоа време да имало заразени и во Шведска.

– Немаше никакво ширење надвор од Вухан сè додека не се појави подоцна во Европа, но мислам дека би можеле да откриеме индивидуални случаи меѓу патниците од Вухан кои биле таму во ноември и декември минатата година. Тоа воопшто не звучи чудно, туку сосема е природно, рече Тегнел.

Првиот официјално потврден случај на корона вирусот во Шведска е жена кај која вирусот бил потврден на 31 јануари, по нејзиното враќање од Кина, и која во меѓувреме е излекувана.