Во штрајкот на земјоделците во Германија им се придружија машиновозачите


Штрајкот на земјоделците, но и на претставниците на другите синдикати во Германија продолжува и денеска, а поради целокупната состојба земјата е речиси целосно блокирана.

Покрај земјоделците, тридневниот штрајк го започнаа и машиновозачите низ земјата во знак на поддршка на другите членови на синдикатот кои се борат против кратењето на субвенциите.

„За време на штрајкот, железничките служби ќе работат по намален возен ред, принудувајќи многу од милионите патници на Дојче бан да ги откажат патувањата или да најдат друго превозно средство до нивната дестинација. Околу 80 отсто од меѓуградските услуги ќе бидат откажани“,  пишуваат медиумите.

Како што се наведува, штрајкот на машиновозачите ќе трае до петок навечер.

Шефот на синдикатот на машиновозачите во Германија, Клаус Веселски изјави дека штрајковите ќе продолжат сѐ додека не се исполнат барањата.

„Доколку не ги исполнат нашите барања до петок, ќе направиме пауза и повторно ќе штрајкуваме. Последната понуда од Германски железници е провокација. Тие предложија различни опции за бројот на часови на кои ќе работат работниците од 35 до 40 часови неделно“, рече Веселски.

Инаку, освен подобри плати, синдикатот бара и намалување на работното време од 38 на 35 часа неделно.

Покрај штрајкот на машиновозачите и железничарите, протестот го продолжија и германските земјоделци и најавија дека ќе ги интензивираат демонстрациите додека не се исполнат нивните барања.

Земјоделците од понеделникот блокираа бројни влезови на автопатот со трактори и предизвикаа значителни прекини во сообраќајот, посочуваат германските медиуми.

За целата ситуација, во средата реагираше и министерот за земјоделство, кој изрази загриженост за случувањата во Германија.

„Ова е опасна поделба што може да доведе до ситуација како онаа во САД. Луѓето повеќе не разговараат меѓу себе, не си веруваат и се обвинуваат за сето зло на светот“, рече Џем Оздемир.