Во штипскиот регион активни два пожари


Пожарот меѓу штипските села Калапетровци и Кошево е под контрола, пожарникари на ТППЕ-Штип во текот на ноќта дежурале на терен, информира командирот на ТППЕ-Штип, Дарко Коцев.

Според првичните информации во текот на вчерашниот ден огнената стихија зафатила над 70 хектари мешана шума, нискостеблести растенија, а во гаснењето на пожарот беа вклучени десеттина пожарникари, двата ер трактори и полициски хеликоптер.

-Станува збор за непристапен терен, а според дежурната екипа се уште гори на едно место, вели Коцев.

Тој истакна дека утринава имаат и нов пожар на планината Серта во атарот на штипското село Селце.

-Во атарот на штипското село Селце имавме голем пожар за време на викендот, сега ова е нов пожар. Во тек се координации со Центарот за управување со кризи, како да се делува на двете локации, со нас изминатите денови се и вработените од шумското претпријатие, вели Коцев.

Тој апелира да не се палат пасиштата и страништата, бидејќи страдаат и се уништуваат големи површини на шума.