Во Штип „Велигденски хепенинг“


 Општина Штип и ЈП „Исар“ по вторпат за најмалите организираат „Велигденски хепенинг“. Во ЗОО паркот имаше  манифестација со многу музика и игра, како и настап на дечињата од детските градинки во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов порача дека со оваа манифестација сакаат да ги спојат сите граѓаните, од најмлади до возрасните.

-Организираме „Велигденски хепенинг“ со најразлични содржини за најмладите наши дечиња, за дечињата од градинките, заедно со Веселото штурче. Прекрасна манифестација, прекрасен настан, ова е место коешто нѐ спојува сите нас од најмладите до највозрасните. Нудиме различна програма и на најдобар начин сакаме да им го честитаме големиот христијански празник Велигден на сите наши сограѓани со желба за многу радост, бериќет, успех во секое семејство и во нашиот град Штип, изјави Јорданов.

Триесет и осум  дечиња се натпреваруваа и со различни бои и техники украсуваа велигденски јајца. На крајот на манифестацијата се избираше и најубаво украсеното јајце.

Манифестацијата беше можност за сите генерации да уживаат во ЗОО Паркот „Бриони“, каде во изминатиов период се поставени нови детски играчки, а Зоолошката градина има и нови животни.

 

-Изминатиот месец имавме најразлични активности со цел уредување на ЗОО Паркот „Бриони“. Еден дел којшто беше неискористен го уредивме и сега имаме поставено мултифункционални детски играчки за да се радуваат и да си играат нашите најмали и најмили посетители, дечињата. Исто така, имаме нови жители во Зоолошката градина, имаме мајмун, морски прасиња, а го зголемивме и бројот на пауните коишто се симбол на овој парк „Бриони“, рече Трајан Коцев, директор на ЈП „Исар“.