Во Штип месецов започнува изградбата на 47 типски куки за 47 ромски семејства


Дел од овие семејства кои ќе добијат нови домови живеат во супстандардни услови во куќите крај трговскиот центар во Штип

ШТИП – На ромската заедница во Штип убаво ќе ѝ тргне во новата 2021 година. Во месноста Мирјанина црква месецов е планирано да започне изградбата на 47 типски куќи за исто толкав број семејства на оваа етничка заедница во градот под Исарот. Семејствата кои ќе се вселат во новите домови ќе ги напуштат старите објекти во кои сега се сместени, од кои еден е во старото напуштено одделение за нервни болести, а другото е во самиот центар на градот, веднаш до трговскиот центар. Кај нервното одделение со урбанистичкиот план на градот е предвидена изградба на студентски дом, а локацијата во центарот на Штип ќе биде наменета за изградба на катна гаража.

„Семејствата кои ќе се вселат во овие типски куќи се веќе селектирани според принципот на приоритетност. Се работи за семејства кои денес живеат во нестандардни услови во старото одделение за нервни болести каде денес живеат 34 семејства, за десет семејства кои живеат во речиси распаднатите згради близу трговскиот центар зад сендвивачата ‘Зимбак’ на улицата ‘Стојан Рибата’ и за три семејства кои живеат на локација на која ќе се реализира проектот“, вели Ерол Адемов, виш референт за односи со заедниците во штипската локална самоуправа.

Проектот се финансира со пари од Европската унија. Според Адемов, Европската комисија имала проект под наслов „ЕУ за Ромите и луѓето кои живеат во длабока сиромаштија“ и за реализација на таа програма се обезбедени пари од претпристапната помош за 2019 година од ИПА-2 програмата.

„Проектот е за две општини, за Штип и за Берово. Носители се двете општини и здружението за еколошки одржлив развој ‘Зелен институт’ од Скопје. Додека во Штип ќе се градат нови куќи и ќе никне нова населба, во Берово ќе се работи на реконструкција на куќите во кои живеат ромски семејства. Вкупниот буџет за реализација на проектот  изнесува 895.400 евра од кои 790.950 евра се наменети за Штип. Нашата општина во овој проект учествува со 70.535 евра, Општина Берово за својот проект со 21.300 евра додека ‘Зелен институт’ ќе издвои 3.614 евра“, појаснува Адемов.

Во меѓувреме направено е анкетно истражување за тоа дали ромските семејства предвидени со овој проект сакаат да ги испразнат просторите во кои денес живеат. Адемов вели дека сите до еден одговориле потврдно и дека едвај чекаат да се вселат во своите домови.

„Важно е да се каже дека од вкупниот број од 246 лица во овие 47 семејства кои ќе добијат свој дом во типските куќи, 158 се деца. Ова ќе значи дека најмладите добиваат одлични услови не само за секојдневен живот туку и за учење. А вклучувањето што поголем број деца од ромската заедница во образовниот процес на нашата држава е едно од клучните прашања на овој век“, коментира Ерол Адемов.

Реализацијата на целокупниот проект треба да трае 36 месеци, а тоа значи дека овие семејства ќе можат да сметаат на вселување некаде на почетокот од 2024 година. Во меѓувреме Општина Штип ќе работи на инфраструктурното уредување – патишта, водовод и канализација, а во населбата која е кај познатата Мирјанина црква и зафаќа површина од 55 хектари ќе се донесе и струја, ќе има улично осветлување и целиот простор партерно ќе биде уреден. (И.Б.)