Во Шпанија уапсен еден од најбараните криминалци во Европа, Албанецот Харедин Фејзула


Харедин Фејзула во Белгија е осуден на 29 години затвор

 

Шпанија уапси еден од најбараните лица на листата на Еуропол и Интерпол, обвинет за водење на нарко-картел во Белгија и осуден во отсуство на 29 години затвор.

Уапсениот е Харедин Фејзула на 58 години, а операцијата на 12 септември ја извела шпанската Цивилна гарда во една од областите на Мадрид, но таа дури вчера беше потврдена за медиумите од властите, откако и Белгија испрати потврда на идентитетот, врз основа на биометриски податоци.

Албанецот се сомничи дека започнал активности за шверц на дрога откако се населил во Шпанија, управувајќи со нарко куќи, со активност од милиони евра.

„Уапсениот, со албанско потекло, е осуден за трговија со дрога и се смета за водач на криминална организација посветена на одгледување и трговија со хашиш, со која има акумулирано богатство од повеќе од четири милиони евра“, пишува весникот „Ел паис“.

Полицијата соопшти дека тој бил уапсен додека возел комбе низ градот во населбата Карабанчел во Мадрид. Заедно со него се приведени уште 10 лица, членови на групата. Фејзула во 2022 година беше осуден на 29 години затвор од бриселскиот суд, но по пресудата избега.

„Според полицијата, истрагата за негово пронаоѓање започнала во јануари 2023 година, поради сомнежи дека може да се крие во Мадрид. Бегалецот презел бројни безбедносни мерки за да не биде лоциран и имал разни скриени возила со кои патувал, како и бројни куќи во кои со прекини ја минувал ноќта“, пишува друг шпански весник „ОкДиарио“, кој го објави и видеото за забрана.

Редовно го менувал и мобилниот телефон, за да не биде следен. Но, фаќањето било извршено додека тој бил на пат да прегледа една од куќите и засолништата во областа.

Се очекува Фејзула наскоро да биде екстрадиран во Брисел, бидејќи има осуда за 13 кривични дела трговија со дрога, членство во криминална организација и фалсификување документи извршени во периодот од 2014 до 2018 година.

„Мрежата беше добро организирана, со посебни улоги и координирана за незаконски активности. На пониските нивоа имало градинари, чистачи, собирачи на пари и менаџери за логистика. Групата користела лажна документација за издавање куќи и за склучување договори за струја во становите каде масовно одгледувала канабис“, продолжува „Ел паис“.