Во Шпанија 18 училишта беа затворени поради лажни закани за бомби


Неколку меѓународни училишта во Шпанија денеска беа затворени поради извештаи за закани со бомби, за кои полицијата соопшти дека по проверките биле лажни.

Извор од полицијата во Сарагоса потврди дека четири меѓународни училишта во тој град добиле закана преку електронска пошта и дека француската гимназија „Молиер“ денеска е затворена.

Три британски училишта во Мадрид потврдија за Ројтерс дека добиле закани за бомби минатата недела или денеска.

Најмалку две меѓународни училишта во Тенерифе, една француска и германска школа, исто така, добиле закани и не се отворија денеска, соопшти регионалната влада.

Весникот Мундо објави дека вкупно 18 училишта во Шпанија добиле закани преку електронска пошта.

Изворите за Ројтерс изјавија дека во мејлот не е наведено за што се заканите и кој ги испраќа.

Закана доби и едно англиско училиште Монтесори во Мадрид, но полицијата соопшти дека нема потреба од евакуација на објектот, изјави директорот на училиштето во е-пошта до родителите на учениците.

Портпаролот на британското училиште „Сент Џорџ“ во Мадрид изјави за Ројтерс дека училиштето добило е-пошта за заканата за бомба, дека полицијата извршила проверка рано утринава и дала дозвола училиштето да се отвори денеска.