Во шокантен пресврт, Кејн потпиша за Баерн


Најлудата приказна од преодниот рок заврши рано утринава со среќен крај за Баерн.
Хари Кејн (30), најдобриот стрелец во историјата на Тотенхем и на репрезентацијата на Англија, чиј капитен е, потпиша во 2 часот по полноќ за Баерн. 

Ваквиот расплет со ентузијазам го следеа многу навивачи на најголемиот германски клуб, кои цел ден и ноќ дежураа пред седиштето на Баерн. Германските медиуми посочуваат дека сега Баерн се обидува да ја реши регистрацијата и документацијата во здружението, па Кејн денеска да дебитира за новиот клуб во Суперкупот на Германија против Лајпциг.

Потписот на Кејн стави крај на сагата која се претвори во драма во последните 24 часа. Имено, вчераутро сите медиуми го пренесоа она што го објави најсигурниот извор од пазарот: „Хари Кејн е нов играч на Баерн. Се беше договорено во четвртокот навечер. Германците ќе им платат на Англичаните 100 милиони евра и 10 милиони евра преку бонуси. Кејн ќе го потпише договорот на четири години, а во петок наутро лета за Минхен, каде ќе му бидат извршени лекарски прегледи“.

Но, во петокот околу пладне, шок. Претседателот на Тотенхем, Даниел Леви докажа зошто има репутација на најтежок преговарач. Додека Кејн возел до аеродромот во Лондон, му било кажано да не оди во Минхен бидејќи наводно веќе решените преговори заглавиле поради некои детали.