Во Шкотска минималната цена на алкохолните пијалоци се зголемува за 30%?


Властите во Шкотска имаат намера да ја зголемат минималната цена на алкохолните пијалоци како дел од мерките за намалување на бројот на хоспитализации и смртни случаи поврзани со алкохол.

Министрите во Единбург наскоро треба да дадат зелено светло за зголемување од 50 на 65 пени по единица, кое треба да започне од почетокот на мај. Јавното здравство Шкотска (PHS) минатата година соопшти дека проектот за минимална цена на алкохолот, воведен пред шест години, резултирал со пад од 13,5% на смртните случаи поврзани со алкохол.

„Со овие мерки ќе го казниме огромното мнозинство што пијат одговорно“
Сепак, во последните три години, бројот на смртни случаи поради консумирање алкохолни пијалоци повторно е зголемен за 25%, додека бројот на оние кои користеле помош за откажување од алкохол е намален за 40% во последната деценија.

Според новата одлука, минималната цена на стандардното шише виски во Шкотска ќе порасне од 14 на 18,20 фунти, а вотката на 16,90 фунти, пишува The Guardian.

„Повеќе од 20 луѓе неделно во Шкотска умираат од злоупотреба на алкохол, затоа треба да преземеме акција“, рече Вили Рени, поранешен лидер на шкотските либералдемократи.

Дејвид Ричардсон од синдикатот за алкохол не се согласува: „Со овие мерки ќе го казниме огромното мнозинство што пијат одговорно“.