Во северна Италија прогласена вонредна состојба заради суша, најголема во последните 70 години


Италија прогласи вонредна состојба во пет северни региони околу реката По, поради најголемата суша во последните 70 години.

Емилија-Ромања, Фриули Венеција Џулија, Ломбардија, Пиемонт и Венето ќе добијат 36,5 милиони евра (31 милиони фунти; 38 милиони долари) во итни средства за справување со недостигот на вода.

Сушата се заканува на повеќе од 30 отсто од земјоделското производство на Италија, според земјоделскиот синдикат „Колдирети“.

Неколку општини веќе најавија рационализирање на водата, пренесува Би-Би-Си.

Невообичаено топлото време и слабите врнежи во текот на зимата и пролетта го зголемија недостигот на вода во северна Италија.

„Вонредната состојба е насочена кон управување со моменталната ситуација со вонредни средства и овластувања“, соопшти италијанската влада.

Се вели дека може да преземе дополнителни мерки доколку ситуацијата не се подобри.

Некои притоки на реката По пресушија

По е најдолгата река во Италија, која тече кон исток повеќе од 650 километри (404 милји). Земјоделците во долината По велат дека солената морска вода сега навлегува во реката и ги уништува посевите.

Во понеделникот премиерот Марио Драги го посети планинскиот венец Доломити каде 13 лица се водат како исчезнати по уривањето на глечерот. Тој рече дека катастрофата е „без сомнеж“ поврзана со глобалното затоплување.

Најмалку седум лица загинаа, а осум се повредени на планината Мармолада, во лавина предизвикана од падот на глечерот.

Во потрагата по исчезнатите, меѓу кои има и неколку странци, учествуваат дронови опремени со термичка слика.