Во септември сме имале 103.787 туристи, најбројни од Турција, Србија, Полска и Германија


Фото: Б. Грданоски

 

Бројот на туристите во септември годинава изнесува 103.787, од кои 32,9 проценти се домашни, а 67,1 процент се странски. Во септември официјално се регистрирани 221.927 ноќевања, од кои 36,9 проценти од домашни туристи, а 63,1 процент од странските, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).

Од вкупно евидентираните 69.633 странски туристи, најбројни се од Турција, 11.187, по што следат тие од Србија, 7.617, од Полска, 4.647, Германија, 4.314, Бугарија, 2.900, Грција, 2.485…

Во септември годинава, езерските места ги посетиле 46.594 туристи, во Скопје се регистрирани 35.729, планинските места 4.649, бањските 3.276, а други места посетиле над 13.000 туристи. Хотелско сместување користеле 85.498 туристи, од кои 24.114 одбрале хотели со пет ѕвезди. Во куќи, станови за одмор и соби за издавање се сместиле  12.183, а по околу илјада туристи користеле кампови, преноќишта и бањски лекувалишта.

Како што објави денеска Државниот завод за статистика, во периодот јануари – септември годинава во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 37 проценти,  при што кај домашните туристи има зголемување за 4,3 проценти, а кај странските зголемувањето е за 88,2  проценти.

Во периодот јануари – септември 2022 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 21,3 проценти, кај домашните туристи има зголемување за 2,4  проценти, а кај странските зголемувањето е за 76,2 проценти.