Во село Жировница убиени се мечки


Мечка со две мечиња биле убиени во село Жировница, во Маврово – Ростуше, соопшти директорот на Инспекторатот за животна средина Сретен Стојановски.

Тој рече дека биле запрепастени од информацијата која ја добиле, дека се убиени мечка и две мечиња на територија на селото Жировница.

Мечките во Македонија со законот за ловство од 1996 се трајно заштитен дивеч кој не смее да се лови.

Во близина на селото Жировница, изутрината ренџерската служба на Националниот парк „Маврово“ пронашла отстрелани мечка со две мали мечиња. Случајот е пријавен до сите надлежни институции, кои во моментов се на терен.

Од ДИЖС информираа дека на терен е виш инспектор, и заедно со колегите од Агенцијата за храна и ветеринарство и останатите надлежни инспекторати работат на утврдување на причините за смртта на мечките.

Националниот парк „Маврово“ е природно живеалиште на кафеавата мечка, животно под трајна заштита на државата и не смее да се лови.