Во САД во последните 24 часа се заразиле повеќе од 80.000 лица, најмногу до сега


Рекорден број од повеќе од 80.000 нови случаи на коронавирус се регистрирани во САД во последните 24 часа.

Универзитетот „Џон Хопкинс“ соопшти дека се потврдени 80.005 нови случаи во најзагрозената земја во светот.

Претходниот рекорд беше на 16 јули, кога за еден ден беа потврдени 77.362 нови случаи.

Црниот биланс доаѓа во време кога расте бројот на хоспитализирани и смртни случаи, а експертите предупредуваат дека најлошото допрва доаѓа, пренесува Си-Ен-Ен.

Во болниците низ САД има повеќе од 41.000 пациенти, што е најголем број од 20 август досега.

Од почетокот на октомври, бројот на хоспитализации е зголемен за 33 проценти.

Бројот на смртни случаи исто така расте, така што универзитетот „Џон Хопкинс“ пријавил 856 смртни случаи во изминатиот ден.

Водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи изрази загриженост за зголемувањето на бројот на новозаразени и ги повика граѓаните да ги зголемат мерките на претпазливост.

Иако претходно изјави дека не смета дека носењето маски ќе успее, тој рече дека можеби е време сега, иако ќе биде тешко, да се спроведе мерката.

Според универзитетот „Џонс Хопкинс“, од почетокот на епидемијата во САД биле заразени вкупно 8.491.459 лица, од кои 223.975 починале.