Во САД, тројно помалку масакри и масовни пукања за време на Клинтон и Буш отколку во епохата на Обама и Трамп


Масовните пукања за време на претседателствувањето на Доналд Трамп се многу позачестени отколку за време на неговите претходници, поранешните претседатели Барак Обама, Џорџ Буш-помладиот и Бил Клинтон, и причина за тоа е федералната забрана за користење полуавтоматско оружје од 1994 до 2004 година, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Според податоци на порталот „Мадер Џонс“, за време на повеќе од две и пол годишното претседателствување на Трамп, во масовни пукотници биле убиени 250 лица, додека за време на двата мандати на Обама (вкупно осум години) загинале нешто повеќе од 300 лица.

Бројките од црната хроника за време на годините поминати во Белата куќа на нивните пртехондици, Буш и Клинтон, се многу помали. Така, во САД за време на осумте години под Клинтон (од 1993 до 2001) во масовни пукања биле убиени околу 110 лица, додека за време на претседателствувањето на Буш – околу 125 лица.

Соодветно, и бројот на трагичните настани е драстично зголемен за време на епохата на Трамп и Обама. Од јанури 2008 година досега во САД се случиле речеиси 80 масовни пукотоци, додека за време на владеењето на Клинтон и Буш вкупно имало околу 25 масовни пукотници.

Според познавачите, наглиот раст на бројот на жртви од масовни пукања и на бројот на овие немили настани се должи на истекувањето рокот на траење на федералната забрана за производство, трансфер и користење лесно полуавтоматско оружје од 1994 година.

Истата година, оваа забрана беше потпишана во закон од страна претседателот Клинтон со рок на траење до 2004 година. Откако истече рокот, забранате не беше продолжена и законот не е повеќе во сила.

Интензивирањето на полемиката за контрола на оружјето во САД на почетокот на 1990-те години следуваше откако во текот на четири години се случија три масовни вооружени напади со десетици жртви.

Првиот се случи во 1989 година кога во основно училиште во Стоктон, Калифорнија беа убиени пет дечиња а 32 лица беа ранети. Нападот беше предизвикан на расистичка основа.

Во масакрот во ресторан во Килин, Тексас во 1991 година, беа усмртени 23 лица, а 27 останаа повредени. Третата пукотница се случи во 1993 година во Сан Франциско, кога беа убени осум лица, а ранети шест. Во сите три напади беше употребено полуавтоматско оружје.

Овие трагичи настани беа причина за воведувањето на федералната забрана на лесно оружје од 1994 година.