Во САД, при тренинг, почина 17-годишен велосипедист


Уште еден смртен случај на велосипедските патеки, се случи во САД, откако младиот 17-годишен американски велосипедист Магнус Вајт загина по судир со автомобил за време на тренинг.

Американската велосипедска федерација официјално ја потврди оваа трагична вест која се случи во близина на Болдер, град во државата Колорадо, каде Вајт се подготвуваше за  Светското првенство во јуниорски категории во Глазгов. Претходно, Вајт беше означен како „млада ѕвезда во подем“ од тамошното здружение.

Ова е трет смртен случај на велосипедски патеки за помалку од два месеци. Пред десет дена почина 17-годишниот италијански велосипедист Јакопо Венцо, кој им подлегна на повредите со кои се здоби за време на трката во Австрија, каде што падна за време на спуст.

На крајот на јуни на ист начин на трката околу Швајцарија загина 26-годишниот Швајцарец Џино Маедер.