Во САД може да се заразат од 1.6 до 2.2 милиона лица

Д-р Дебора Биркс, член на Координативниот штаб за борба со коронавирусот во Белата куќа, на редовниот прес брифинг синоќа објави прогноза дека, доколку во САД не се прави ништо, можно е да се заразат од 1.6 до 2.2 милиони лица, од кои од 100 до 200 илјади би починале.

-Тоа е најлошо сценарио, додека најоптимистичното сценарио е заразеност до 200 илјади луѓе, доколку наредбите за карантин се почитуваат, посочи таа порачувајќи дека клучно е да се остане во карантин.

Моментално, во задолжителен карантин се наѓаат речиси две третини од вкупното население на САД.

На прес брифингот, американскиот претседател Доналд Трамп, пак, изјави дека досега од коронавирус биле тестирани еден милион Американци, со темпо од 5,000 луѓе дневно, „најмногу од тестовите што се прават во која било друга земја“.

Како што покажуваат некои анализи од дневните мерење на температура кај луѓето со термометри приклучени на Интернет, што ги прави компанијата „Кинса хелт“, во некои сојузни држави како Вашингтон, Ново Мексико, Луизијана, или во јужниот дел на Колорадо, бројот на новозаразени се намалува, што значи дека мерката карантин е успешна, пишува „Њујорк тајмс“.

САД се прва земја во светот каде од пандемијата на коронавирус досега се инфицирале 164 илјади лица, по неа е Италија со речиси 102 илјади заразени, додека Шпанија има речиси 88 илјади, а Кина – 82 илјади.