Во сабота акција за чистење на Марков Манастир – има организиран превоз, а ќе има и диџеј

Иницијативата „За почиста Македонија“ претстојниот викенд, 1 март, организира нова „Акција во природата“, овој пат за чистење на Марков Манастир.
– Иде пролет. За цветната сезона да не ја дочекаме во ѓубре, редно е да посветиме малку љубов кон природата. Марков Манастир е прекрасно и популарно излетничко место кое за жал е често посетувано од несовесни граѓани кои го користат како лична депонија, велат од „За почиста Македонија“.
Оттаму посочуваат дека е време да засукаме ракави.
– Дојдете во опуштена атмосфера поред рекичка, со убаво друштво и музика да го направиме пределот непрепознатлив, велат тие.
Органзиаторите велат дека има организиран превоз, материјали за работа, а атмосфера ќе направи диџеј Leonspremo.
– Ние организираме превоз и материјали за работа, а вие понесете само добро расположение и по некоја ужинка за да можете после акцијата лабаво да си поседите и уживате во природа. За да ни биде убаво. За почиста Македонија, стои во повикот.
Акцијата е со почеток во 11 часот, следната сабота, а за организираниот превоз пријавете се преку социјалните мрежи на иницијативата.