Во Ресен веќе нема болни од корона вирусот


БИТОЛА – По 70 дена битка со корона вирусот во Ресен денес се избори да нема ниту еден активно болен. Градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски утрово  им се заблагодари на граѓаните за совесното и одговорно однесување во справувањето со Ковид-19 и им порача дека битката е добиена, но војната со вирусот трае.

„Ресен во моментов нема активен случај на Ковид -19 , иако пред еден месец бевме меѓу првите пет градови по број на заболени. Уште еднаш благодарност до сите институции, Кризниот штаб, ЦЈЗ , МВР, ЈЗУ Здравствен дом Ресен , Клиничка болница Битола и сите претпријатија кои максимално одговорно одговорија во кризна ситуација , но пред сѐ благодарност до вас почитувани граѓани за одговорноста и придржување на мерките .

Ја добивме оваа битка, но војната сѐ уште трае . Да продолжиме, да бидеме совесни и одговорни и да се придржуваме на мерките за заштита. Благодарам“, напиша утрово градоначалникот Гошаревски на својот Фејсбук профил.

Ковид  кризата во Ресен и Преспа започна на 10 јуни кога беше регистриран првиот случај, дури два месеци по почетокот на кризата на ниво на државата. Првиот кластер беше семеен од славата Спасовден, а потоа се нижеа и кластери во работни организации за што општина одлучи две недели сите фабрики да ги стави во мирување.

Во Ресен од корона вирусот беа потврдени 146 позитивни случаи од кои починаа четворица. (А.Б.)