Во Ресен се врати вирусот, новозаболената летувала во Струга

Новиот случај на инфекција во Ресен од Ковид-19 е прв по 31 јули

БИТОЛА – Во Ресен се врати корона вирусот откако 35 дена немаше регистрирано новозаболен од Ковид-19.

Дознаваме дека станува збор за жена, која навела дека околу 20 август била на летување во Струга со ваучерите за домашен туризам. Она што официјално го соопшуваат од Центарот за јавно здравје Битола е дека „на 4 септември е регистриран новозаболен на возраст од 35 години, не дава податок за контакт со позитивно лице“.

Здравствениот дом од Ресен, пак, на својата Фејсбук страна се пофали дека од 31 јули во Ресен нема нов случај на ковид. Во последните две недели немаше ниту активно болни во Преспанскиот регион.

Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски вели дека ситуацијата со новозаболената се следи и дека критични се наредните неколку дена дали симптоми од вирусот ќе појават и членови на семејството и други контакти.

„Новиот случај се јавува после подолго време, најверојатно пациентот се заболел на летување со Струга. Засега ситуацијата во градот е под контрола и според моменталната состојба не верувам дека би имало брзо или нагло ширење на вирусот. Ресен успеа после 70 дена битка со корона вирусот да се избори да нема активно болни последните недели и тоа во ек на туристичка сезона во Преспа, иако во јули бевме меѓу првите пет градови по бројот на заболени. Граѓаните покажаа висок степен на совесност и одговорност, затоа сметаме дека овој нов случај нема да предизвика нови бранувања“, изјави градоначалникот Гошаревски.

Во Ресен од почетокот на кризата до денес се регистрирани 147 позитивни на Ковид-19, оздравеле 142 пациенти, починале 4, а еден се води за активно болен.

Од Демир Хисар стигнуваат добри вести, оздравени се сите 26 пациенти од Психијатриската болница, како и 6 вработени од оваа институцијата.

„Сите пациенти се излекувани, немаме веќе болни ни во персоналот. Сепак, имаме пациенти кои се негативизирани, но на кои и натаму им трае закрепнувањето како последица од вирусот. Значи, од 17 август немаме новозаболени во установата, само оздравени“, ни изјави директорката на Психијатриската болница Татјана Лозановска.

Последните седум заболени во Демир Хисар се регистрирани на 17 август, од тогаш до денес нема нови случаи во градот. Затоа пак од тогаш до сега се оздравени 35 пациенти. Само во последните четири дена оздравеле 13 пациенти од Демир Хисар.

Од почетокот на кризата во Демир Хисар се заболени 60 лица, од нив починати се двајца пациенти. (А.Б.)